СДСМ: Заев уште долго ќе владее!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

За партии на власт, изборните конгреси се, главно, здодевна вежба за потврдување на легитимитетот на лидерството кое владее со партијата и со државата. Главната цел на партиските конгресмени е дружба со партиското раководство, а ако успеат да му ја стегнат раката на претседателот (во 99% случаи, маж) за време на конгресот, потоа дома не мијат раце цела недела! Долга е раката на конгресменот/вуменот… Таа десница се шета по чаршија, се покажува на сопартијци и се прераскажуваат прикаски за тоа што важно „разговарале“ со лидерот. Раката се чува на темно и ладно место, а по смртта на раконосецот, раката во семејството се третира како реликвија со која е пишувана историјата.

СДСМ викендов ја прекина таа важна и долга партиска традиција во Македонија. Нема конгресмени, нема изборен конгрес за претседател (ќе има за другите функционери во партијата, ама и на тоа му се броени деновите), нема десни раце што ќе се шетаат по чаршија и ќе бараат протекции и услуги од партијата заради своите конгресменски „заслуги“… Напротив, во неделата 90% од партиското членство на СДСМ (во услови на корона + снежни наноси) гласаше за својот претседател, со што околу 63.000 раце испишаа нова партиска историја во државава.

Ништо веќе не е исто за секој што членува во некоја партија во Македонија. Јасно е дека, порано или подоцна, „вирусот“ на СДСМ ќе ги зарази и другите партиски формации во земјава. За тоа вакцина нема да има.

Фактот што 98% од тие кои гласале во неделата по партиските ограноци на СДСМ го поддржале реизборот, во трет мандат, на Зоран Заев за претседател, има повеќе јасни пораки. (Не, не мислам на тоа дека во секоја трка со еден кандидат, победата е однапред позната…)

Веројатно најважната е дека, она што можеше да се окарактеризира како „контроверзии“ на Заев во неколку важни државни политики (односите со Бугарија, предлогот за „политичко обединување“ дома, концептот за „Едно општество за сите“, справувањето со епидемијата и тн.) имаат масивна поддршка во партиската база на Заев, без разлика на успешноста – nota bene! – со која се спроведуваат тие политики.

Понатаму, изгледа дека партиското членство на СДСМ сè уште им верува, здраво за готово, на повторените заложби на својот лидер за точките еден и два, стр. 22-23, од неговата понудена Програма (линк) за „Новата политика“ на СДСМ, во кои тој се залага за „сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ“ и „продлабочување на започнатата борба против корупцијата и организираниот криминал“. Самиот факт што и авторот на оваа Програма вели дека ѝ нуди „нова политика“ на неговата партија – за нешто за што сите очекувавме веќе да биде „стара политика“ – говори сам за себе. Но, големата партиска поддршка за овие „нови политики“ му оставаат, практично, сосема „одврзани раце“ на Заев за најавената „пролетна офанзива“ на овој план… освен ако мартовскиот снег (повторно) не ги одложи плановите за офанзива во овие сектори до некоја идна, вистинска пролет.

Заев е политичар кој и со своите ветувања и со својата практика често се тетерави на работ од популизмот (и тој, како и Груевски, на пример, меѓу „народот“ и „граѓаните“ не прави никаква идентитетска разлика), па тукушто добиениот голем партиски ветер во неговите лидерски „едра“ веројатно ќе ја донагласи неговата „народњачка“ агенда во многу понепристојна мерка од она што е воспитано за еден социјалдемократ. Неговите сопартијци со тоа, очигледно, немаат проблем. Има социјалдемократијата. Но, во политиката е (нај)важно да победуваш, а Заев тоа сукцесивно го испорачува.

Така што, со неделното гласање се става и убедлив крај на „пишувањата во медиумите“ дека во владејачката партија има „раздор и незадоволство“. Ваквите фејсбук-шпекулации и инаку наликуваа на производ на една полу-дузина луѓе (6 души) од самото СДСМ кои се незадоволни од ова партиско раководство, но сега е јасно дека тие имаат повеќе поддршка во опозициските кругови, отколку во нивната матична партија. Тоа – кој-како – не ја намалува легитимноста на нивното незадоволство, но очигледно е дека убедливоста на нивните ставови продира кај само 1% од сопартијците, што ги прави тотално маргинални во креирањето на партиската политика. Нивните фрустрации само ќе растат, но влијанието нема да им опаѓа. Бидејќи го немаат.

Конечно, неделната партиска „вежба“ покажува дека капацитетот за водење кампањи од страна на СДСМ сега е највисок во последните неколку години. Сите членови им се дигитално „обработени“, партијата има јасна слика со каков човечки капитал располага, а фактот дека за последните два месеци СДСМ мобилизирала илјадници свои активисти за да го спроведат регистрирањето и гласањето во партијата, говори за тоа дека владејачката партиска машинерија е добро „подмачкана“ и, веројатно, партиски најдобро подготвена во земјава за спроведување различни активности… И вонредни избори, ако баш инсистирате.

Според тоа, за сите оние на кои Заев не им е омилен лик во македонската политика, неделната порака од неговото партиско членство е прилично недвосмислена: не се опуштајте, очекуваме овој уште долго да владее!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот