СДСМ за лидерската: ВМРО-ДПМНЕ ги изневери граѓаните, нивна цел беше уништување на сите предмети од СЈО до 30 јуни

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

По синоќешната лидерска средба, власта и опозицијата не успеаја да најдат заеднички јазик за да се постигне договор за Јавното обвинителство, иако разговараа до раните утрински часови.

Револтираните новинари порано ја напуштија средбата, а утринава СДСМ излезе со своја реакција по повод лидерската средба.

„Синоќа ВМРО-ДПМНЕ со часови ги изневеруваше очекувањата на граѓаните. Нивната единствена цел беше уништување на сите предмети од СЈО до 30 јуни, а тоа сакаа да го постигнат преку тоа што нивни обвинител би ги преземал сите предметите за да подоцна ги затвори и уништи.

А, предметите после 30 јуни да се затвореле со закон.Власта им понуди формирање нова обвинителска институција која ќе гони висока корупција сторена од избрани и именувани функционери, од сега па во иднина, со нови случаи, без разлика кој е на власт. Предлогот беше Шеф на таа нова обвинителска институција да предлага опозицијата, но и тоа го одбија зашто нив не ги интересира иднината на правната држава, нив ги интересира да нема правда за предметите на СЈО. Ја одбранивме правната држава. Со вчерашното преземање на предметите од страна на ЈО.

Целосно е обезбедена иднината на СИТЕ предмети на СЈО со цел тие да имаат своја разрешница во системот на јавното обвинителство и судство. СИТЕ предмети, сите истраги и предистраги продолжуваат во целосна независна надлежност на државното јавно обвинителство.Шефот на јавното обвинителство ќе одреди, согласно законските овластувања кој јавен обвинител ќе го продолжи секој од предметите. Со ова, судбината на случаите се решава во јавното обвинителство и во судството, а не на преговарачка маса меѓу политичките партии. Државата конечно изгради независен судски систем кој функционира непречено, систем кој не може да биде спречен од која било политичка партија. Апелираме за одговорно и државничко однесување на сите политички чинители вклучувајќи го и ВМРО-ДПМНЕ.

Време е после две години неодговорно однесување во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ да престане да и штети на европската иднина на државата. Долго време преговараме за овој Закон и ред е да носиме принципиелни одлуки кои ќе овозможат правда, независно судство и обвинителство и фер постапки за сите.

Одговорноста за неуспехот на овој процес ќе биде токму на ВМРО-ДПМНЕ кои постојано штетат на владеењето на правото, оние кои воведоа неправда и Сваровски судство во земјава, оние кои упорно бараат политиката да одлучува за правната одговорност на политичарите. Ние немаме од што да се криеме или бегаме, сакаме да овозможиме правда и независно судство. Тоа го сакаат граѓаните, тоа го очекуваат нашите пријатели од ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ да си ја преземе одговорноста за штетите што ги прави по поравната држава и по европските интеграции на земјава“, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот