СДСМ се огради откако локалниот штаб во Арачиново објави оглас на Фејсбук за партиско вработување војници

На социјалните мрежи се споделува повик од партискиот огранок на СДСМ во Арачиново за „кандидатите за нови членови на армијата да се пријават кај раководителот, односно оние што се членови на партијата да се пријават кај партиското раководство“.

Министерството за одбрана овој месец објави Јавен оглас за прием на 200 професионални војници на служба во Армијата на Република Северна Македонија.

СДСМ вечерва соопшти дека „целосно се оградува од објавата на фејсбук-страницата на локалната организација во Арачиново“ и најави одговорност за објавата, која во меѓувреме е избришана, а од партијата ја нарекуваат „злоупотреба на страницата спротивна со вредностите и политиките на СДСМ“.

„Станува збор за злоупотребата на страницата спротивна со вредностите и политиките на СДСМ за што ќе следи целосно расчистување на случајот и одговорност. Армијата е за професионалци и нема простор за ништо друго. Пријавувањето и селекциите за конкурсите за професионални војници се спроведуваат по највисоки стандарди од страна на надлежна институција која нема никаква врска со ниту една политичка партија. По спроведените реформи во изминатите години, токму од страна на СДСМ, одлика на Армијата е професионалност и стручност по највисоки стандарди, за што сите ние сме особено горди. Впрочем, затоа и Ковачки веќе не е дел од Армијата, дезертираше и одбра да му служи како чирак на шпицниот градоначалник Мицкоски“, велат од СДСМ.

Реагираа и од Министерството за одбрана.

„Во врска со натписите во некои портали, а се однесуваат на објава на фејсбук профил на општинската организација Арачаиново на политичката партија СДСМ ве информираме дека процесот на пријавување и селекција за конкурсот за прием на професионални војници се спроведува согласно професионални норми и стандарди и МО и Армијата не дозволуваат било какви партиски или друг вид на влијание“, се вели во реакцијата од МО.

ВМРО-ДПМНЕ го осуди огласот и побара оставка од министерката за одбрана Славјанка Петровска.

„Ова е дебакл и срам за Армијата. Ова е срам за НАТО. Ја повикуваме Славјанка Петровска веднаш да си поднесе оставка. Петровска ја посрамоти и АРМ и НАТО. Но, ова е и работа која не може да помине без знаење на дезертерот Ковачевски и неговиот калфа Миле Зечевиќ. Тие се директно одговорни, бидејќи партиските претседатели одговараат директно пред нив“, велат од опозициската партија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот