СДСМ подготвен за избори, се враќаат и старите кадри во игра
Социјалдемократскиот сојуз, в недела во 13 часот, во „Борис Трајковски“ ќе ја одржи последната граѓанска трибина од карванот „На прав пат”, брифираат од партијата. Настанот ќе биде мултимедијален, ќе има забава со диџеј, многу млади луѓе, со многу традиционални елементи, и како што нагласија, со многу патриотизам. На присутните ќе им се обратат градскиот татко, Петре Шилегов, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и премиерот Зоран Заев.
Како што велат извори од партијата, при крај е изработката на изборната програма за претстојните парламентарни избори кои ќе се одржат на 12 април. Во фокусот се интересите и барањата на граѓаните и таа во најголем дел е пишувана врз основа на средбите и разговорите со граѓаните кои партијата во минатиот период ги правела од врата на врата. До овој момент над 6.000 партиски активисти посетиле околу 70 илјади семејства. Од партијата посочуваат дека деновиве и активно ги реализираат ветувањата на градоначалниците, односно ја оценуваат реализцијата на нивните проекти.
Првиот драфт од изборната програма на СДСМ ќе биде промовиран кон крајот на декември, а од понеделник партијата најави 11 нови настани кои ќе се темелат на клучните столбови на програмата – технологијата и технолошка држава, дигитална економија, зелениот развој, млади, спорт, прогресивна земја, рурален туризам и европски фондови, инсфрастуктура, здравство, образование и правда. Кон средината на следниот месец партијата ќе излезе со финалната изборна програма.
Граѓаните во голем дел се жалеле на локалните проблеми, но во најголем дел барале правда. Како што брифираат од партијата, поплаки имало, не за невработеноста, туку за висината на платите.
Партиски извори велат дека на 15 јануари ќе биде промовирана и коалицијата, во чијшто состав ќе влезат уште некои помали партии.
Во оваа кампања, како што брифираат партиски извори, ќе се вклучат сите луѓе на партијата, сегашни но и поранешни функционери, кои имаат желба и капацитет да и помогнат на партијата да понуди што подобри решенија за граѓаните. Дел од поранешните кадри кои ќе се вклучат во кампањата се и екс потпретседателот на партијата Гордан Георгиев и поранешниот пратеник Игор Ивановски. Од СДСМ не сакаа да прецизираат дали тоа значи дека овие лица ќе ги видиме и на пратеничките листи.
– Само обединет СДСМ не може да биде победен од ова ВМРО-ДПМНЕ – коментираат од владејачката партија.
Техничкиот премиер, велат од партијата, ќе се знае пред крајот на годината, кога ќе заседаваат Извршниот одбор и Централниот одбор на партијата. Премиерот Зоран Заев во интервју за „Слободен печат“ посочи дека дискусијата за технички премиер најмногу се водела околу министрите Оливер Спасовски и Мила Царовска.
Од партијата најавуваат дека следната недела во собраниска процедура ќе влезе законот за јавно обвинителство и се надеваат дека тој ќе се усвои со цел да имаме уште една позитивна забелешка во извештајот на Европската комисија, но додаваат дека договор со ВМРО-ДПМНЕ се уште не е постигнат.
Во постапка во Собранието се измените во делот на едната изборна единица, а СДСМ, како што велат од партијата, цврсто ќе стои на ставот заедно со помалите коалициски партнери дека на овие избори треба да ја реализираат нивната изборна обврска, која е дел од нивната изборна програма.
– Ништо не е спорно оваа измена да биде направена и изборите на 12 април да се одржат со една изборна единица – велат од партијата.
Иако во јавноста деновиве наголемо се шпекулира дека има проблеми во владејачката коалиција, односно дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ функционираат како да се во коалиција, од СДСМ се децидни дека такво нешто нема.
– Нема проблеми во коалицијата со ДУИ и покрај разликите во ставовите за забелешките од Венецијанската комисија во однос на Законот за јазици – велат од партијата.
Во врска со најновите ауди снимки поврзани со случајот „Рекет” и за тоа кој ги пушта во јавноста, од СДСМ велат дека е логично тие да се поврзат со ВМРО-ДПМНЕ.
– Тоа многу повеќе се поврзува со ВМРО-ДПМНЕ и со тајкуните што одработуваат за партијата. Единаесет години излегува дека тие биле заштитени и се потврдува дека повторно Зоран Заев таквиот случај упатил да се пријави во обвинителството. Не смее да се одложи правдата и се треба да се расчисти до крај – велат од партијата и додаваат дека треба да се расчистат и сите сомнежи во делот на финасирањето на ВМРО-ДПМНЕ.