СДСМ одлучи Заев да ги одложи оставките на неодредено време

Зоран Заев во Куманово
Зоран Заев на предизборен партиски собир во Куманово / Фото: СДСМ

СДСМ едногласно донесе одлука претседателот на партијата Зоран Заев и премиер на државата да ја одложи оставката на неодредено време. Ова вечерва го соопшти Перо Костадинов, член на Извршниот одбор на партијата, по завршувањето на седниците на највисоките органи на СДСМ.

– Сакам да ве информирам дека беше отворена плодна и демократска дискусија во која што членовите на ЦО имајќи ги предвид пред се случувањата во државата и моментумот во којшто се наоѓа Северна Македонија во овој период, којшто е многу клучен за процесите коишто понатаму треба да следуваат, едногласно донесе одлука претседателот и премиерот да ја одложи ставката на одредено време додека овие процеси не се нормализираат, изјави Костадинов.

Тој додаде:

-Не треба да потенцирам дека државата по многу години режим, продолжува и се гради на европските вредности, на вистинските слободарски вредности. Ова е слободна земја во којашто принципите на единството, принципите на соживотот се клучна наша водилка и затоа СДСМ се исправува на висина на таа задача и наредниот период ќе работи исклучиво во интересите на граѓаните и на можноста којашто е исправена пред нас, државата да западне во нова криза и да биде ставена во некој ретроградни процеси, рече Костадинов.

Тој изрази надеж дека сите, а пред се политичарите и функционерите, ќе го запазат демократскиот курс по којшто е тргната земјата и дека сите заедно „ќе продолжиме на патиштата коишто значат прогрес и пред се движење по европските патишта”.

– Мислам дека ние ќе дискутираме многу, значи СДСМ денеска пред се испраќа порака дека е отворена пред сите, дека е партија која што обединува. Се ислушавме сите заедно едни со други. Наредниот период ќе има и други седници. Многу работи можат да влијаат, но во моментов е најбитно дека по одлуката која што е вечерва донесена ќе се постапува и сите заедно единствено ќе се заложиме за тој момент, додаде Костадинов.

Тој информира и дека седниците на Извршниот и на Централен одбор биле разгледани актуелните случувања во земјата и во партијата.

– Дискутиравме за најразлични случувања на македонската политичка сцена и во моментот е најбитно парламентарното мнозинство да продолжи по патот којшто е многу битен пред се за земјава. Земјава не смее да ги напушти тие процеси и тие политики и секако дека сите процеси се битни и сите ние сме чинители на истите тие процеси. И чекор по чекор пред се треба да го смириме граѓанството и да не правиме фатализам од сите работи, но пред се ние како земја не смееме да си дозволиме нови години на уназадување, нови години во коишто ќе биде нарушен демократскиот капацитет пред се и прогресивните европски можности кои се отвораат пред нас. Така што за најразлични цели се дискутираше, за најразлични теми се дискутираше и за локалните избори, и сплотено и обединително ЦО ја донесе таа одлука која што во овој момент сметаме дека е круцијална пред се за државата и пред се за граѓаните, рече Костадинов.

Запрашан дали на седниците станало збор за одговорност за резултатите на локалните избори, Костадинов потенцира дека се дискутирало за сите состојби и за одговорноста.

– На крајот не треба да заборавиме дека претседателот лично си поднесе оставката и сите ние како ЦО таа оставка ја почитуваме, но ЦО недвосмислено, единствено, едноставно бараше да биде одложено пред се поради моментумот во којшто се наоѓа Северна Македонија, истакна Костадинов, потенцирајќи дека според партискиот Статут, ако претседателот е во оставка, тоа исто важи и за највисокото раководство на СДСМ и за потпретседателите и генералниот секретар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот