СДСМ најавува Влада „Заев 3″ евентуално со Алтернатива, а ВМРО-ДПМНЕ бара оставки

Зоран Заев
Зоран Заев / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

 Потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи смета дека наскоро ќе добиеме „Заев 3″ Влада, повторно предводена од Зоран Заев, со тоа што ќе се сменат шест-седум министри.

За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак вистинското прашање не е дали, туку кога оваа Влада ќе падне.

Биљал Касами, претседателот на Движењето Беса, вчера потсети дека партиските органи одлучиле да останат дел од опозицијата. Тој не ја исклучува можноста за идна соработка ниту со СДСМ, ниту со ВМРО-ДПМНЕ, но категорично одбива да бидат дел од Влада во која би била и ДУИ.

Алтернатива следната недела ќе реши дали ќе биде дел од новото парламентарно мнозинство, а одлуката за тоа дали партијата ќе влезе во Владата ќе биде донесена по најавената средба на партискиот лидер Африм Гаши со премиерот Зоран Заев.

Вицепремиерот Битиќи вчера за „Утрински брифинг” изјави дека реконструкција на Владата е добра и треба да има одредена промена на кадрите. Нова влада или реконструкција на Владата, како што нагласи, подразбира преговори меѓу коалициските партнери за распределба на нови ресори, кои може да бидат комплицирани.

– Сите треба да преиспитаме зошто сме изгубиле. Сите во владејачкото мнозинство изгубија. Пораката од народот беше јасна – овој курс на локално ниво не е доволен. Секој разумен политичар ќе се преиспита после ова. Одлуката на ДУИ е нивна одлука, но не е штета за владеењето ако има нови кадри оти тие носат нови решенија, вели вицепремиерот за економија.

За процедурата за оставката на претседателот на СДСМ Зоран Заев, Битиќи информира дека Централниот одбор само побарал да се одложи одлуката за оставката. Според него, оставката од Заев е висок демократски чин.

Од друга страна, премиерот Заев потсети дека оставките на функционерите на Движењето БЕСА се уште не се верификувани, што априори значи дека тие се уште се дел од Владата.

– Нормално дека БЕСА е дел од Владата. Собранието ја нема констатирано оставката на министерот Арјанит Хоџа, ниту пак на другите раководни лица од БЕСА. Затоа е и логично дека се дел од Владата, изјави Заев за „Слободен печат”.

Дека БЕСА се уште е дел од Владата, смета и пратеникот Кастриот Реџепи, кој не се појави на собраниската седница на 11 ноември за гласање доверба на Владата.

– Движењето БЕСА не е излезено од Влад ата, бидејќи нема одлука. Ниту се влегува во Влада, ниту се излегува со изјава, прес или Фејсбук статус. Јас сум потпретседател на БЕСА и знам кој е органот што одлучува. Исклучување на коалиции врши Централниот одбор, кога ќе реши Централниот одбор дека Движењето БЕСА не е дел од мнозинстото, тогаш и јас како член на БЕСА треба да размислам да ја почитувам таа одлука. Во моментот, органот што има мандат да решава е Централниот одбор, и движењето БЕСА е во владината коалиција, изјави Реџепи, одговарајќи на новинарски прашања на одржаната прес-конференција во Собранието.

Оставки од функциите, на 12 ноември поднесоа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа заедно до двајцата заменици-министри од движењето Беса. Оставките, како што изјави тогаш Хоџа, ги поднеле како морален чин и почитување на органите на Движењето Беса.

Во таа насока претседателот на Движењето Беса, Касами во изјава за емисијата „200″ на Телевизија Алсат вчера демантира дека кој било друг пратеник од неговата партија би можел да одлучи да остане дел од парламентарното мнозинство. Според него, партиските органи одлучиле и Беса е дел од опозицијата.

– Пратениците на Движењето Беса, со својата слободна волја се во оваа позиција, дел од опозицијата согласно преземените одлуки од партијата. Додека не се случи некаква ситуација, јас имам целосна доверба кон двајцата пратеници на Беса, како што имав целосна доверба кон тројцата, рече Касами.

Тој е уверен дека 61-от пратеник потребен за ново парламентарно мнозинство, нема да биде од Движењето Беса.

– Тоа што и понатаму останува како став на Движењето Беса е падот на Владата. Од моментот кога ќе падне Владата, проценуваме дека ќе се создаде сосема нова ситуација, сосема поинакво мнозинство, многу постабилно од ова што е дискутабилно и оценувам дека на земјата и е потребна политичка влада која ќе ја забрза интеграцијата кон ЕУ,  рече тој.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ направи погрешна проценка со иницијативата за гласање недоверба на Владата, Мицкоски во интервју за белградска „Политика” вели дека не станува збор за погрешна проценка, туку за вистинска одлука која на површина ја извадила „целокупната немоќ на Владата и нејзините механизми на владеење”.

– Уште од почеток знаев дека шансите за тоа се мали, особено што секој демократски потег ќе биде потиснат од притисоци, закани и уцени, но сакав да види и целокупната домашна и меѓународна јавност со што се соочуваме дома во државата. Нема погрешно време за потег со кој уште еднаш се разобличи Владата. Ние покажавме капацитет на обединување на многу субјекти кои имаат свои разлики, но се обединуваме во заложбата за промени и носење на нова иднина, вели Мицкоски.

Според него, пропаѓањето на иницијатива не некаков успех или неуспех на кого било, туку „само одложување на неславниот крај на Владата кој ќе се случи порано или подоцна”.

– На кратко кажано, вистинското прашање не е дали, туку кога оваа Влада ќе падне. Во моментот имаме Влада која има поддршка од пратениците кои ги обезбеди како последица на киднапирање. Пратеник кој ја смени страната мистериозно го снема, за подоцна да се појави, што значи дека политичката криза се продлабочува, додава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на изјавата на пратеникот Реџепи дека неговата одлука да не ја подржи иницијативата за недоверба на Владата е „резултат на убедувањето што го добил од претставници на САД и ЕУ дека земјата ќе добие датум за преговори во декември и дека ќе биде решен спорот со Бугарија”, Мицкоски вели дека нема такви информации, како и дека досега нема чуено оти некој од тие центри на моќ го потврдиле тоа.

Во врска со оставката премиерот Заев, Мицкоски нагласува дека не е потребна само негова, туку и оставка на целата Влада, по што „единствениот разумен и логичен исход” би биле брзи избори.

– Сега имаме една неодржлива ситуација каде имаме Влада без мнозинство пратеници која дополнително е без легитимитет, декласирана на локалните избори кои се одржаа пред две недели. Изборите се решение за да се провериме кај народот и што тој мисли за целата оваа состојба. Оваа Влада нема капацитет да се носи со енергетската криза која зема замав, како и со политичката криза која дополнително следи. Што се однесува до Заев тој уште еднаш ја замајува јавноста и уште еднаш не си го одржа сопствениот збор, а тоа е доколку загуби на локалните избори си оди од политиката. Но, неговото останување во политиката ќе биде продолжување на кризата и тој во ниту еден сегмент не може да биде клучен за кое било добро решение за државата, наведува Мицкоски во интервјуто за белградска „Политика”.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши најави дека одлуката за тоа дали партијата ќе биде дел од новото парламентарно мнозинство ќе биде донесена по неговата најавена средба со премиерот Зоран Заев.

Гаши во изјава за „МКД.мк” посочува дека е започната внатрешна дебата во партијата од која треба да произлезе конкретен став за ова прашање.

Од друга страна, членот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими за „Плусинфо” вели дека на 23 ноември ќе одржи состанок на Централното претседателство на партијата, а потоа одлуката што ќе биде донесена од ова партиско тело, ќе треба да биде потврдена и од партиското Собрание, кое е највисок орган на Алтернатива.

Според Ибрахими, засега тие остануваат во опозиција, но „ќе се произнесат за секој нов предизвик”.

Прашањето за можно вклучување на Алтернатива во Владата на Заев се актуализира минатата недела, од кога пропадна обидот на ВМРО-ДПМНЕ да формира ново парламентарно мнозинство и да му се изгласи недоверба на владиниот Кабине т. Во моментов Алтернатива е во коалиција со Алијансата за Албанците.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот