СДСМ ќе избира нов лидер, Заев го избра својот фаворит

сдсм централен заев рада љупчо
Централен одбор на СДСМ, Фото: Слободен печат

Во рок од седум дена ќе подготвам програма и ќе поднесам кандидатура за претседател – најави Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии, кој ја има поддршката од Заев. Засега нема други најави, но се очекуваат барем уште две до три други кандидатури.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на 12 декември со непосредно гласање ќе избира нов лидер, кој најверојатно ќе биде и идниот претседател на македонската влада, одлучи Извршниот, а потоа и на Централниот одбор на партијата. Досегашниот лидер Зоран Заев ја потврди својата неотповиклива оставка, иако органите на партијата не му ја прифаќале. Членовите со лидерски амбиции имаат седум дена да ги поднесат своите кандидатури.

Досега својата кандидатура ја објави Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии. Него самиот Заев го претставил пред Централниот одбор како добро решение за иден партиски лидер. Ковачевски е во највисокиот партиски орган на СДСМ од одржувањето на последниот партиски конгрес во мај годинава, кога беше избран нов состав со дури две третини нови кадри во Централниот одбор на партијата. Овој потег тогаш Заев го промовираше како кадровско освежување на партискиот врв.
Ковачевски, инаку се смета за близок човек на Зоран Заев. Тој е доктор по економски науки и вонреден професор на Американ колеџ, кој во својата кариера бил на повеќе директорски позиции во Телеком и во Оне Вип Македонија.

– Во рок од седум дена ќе подготвам програма и ќе поднесам кандидатура за претседател. СДСМ е партија со најголем кадровски потенцијал и има поголем број истакнати членови што би биле одлични кандидати – изјави Димитар Ковачевски.

Засега нема официјална потврда на други кандидатури, но се зборува дека уште најмалку тројца истакнати членови на СДСМ планираат да се кандидираат.

Првиот вицепремиер Артан Груби изјави дека ДУИ ќе ја почитува внатрепартиската одлука на СДСМ за избор на нов претседател, но изрази дилеми во однос на оставката на Заев од премиерското место.

– Ние ќе ја почитуваме таа одлука и ќе го прифатиме вердиктот на сите нивни членови што ќе одлучат кој ќе биде нивниот следен лидер на 12 декември. Во однос на оставката на местото премиер, сметаме дека за тоа треба да се почека. Имаме многу битни прашања пред нас во месеците што следуваат и сметаме дека заедно со Заев на чело на таа Влада, ќе треба да ги заокружиме сите тие процеси – рече Груби.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, го нарече изборот на лидер во СДСМ нова фарса.

„Димитар Ковачевски е пионот на Заев, и не е никаков нов кадар. Тоа е човекот што треба да продолжи со погубните и криминални политики на СДСМ и да обезбеди заштита за семејството Заеви. Димитар Ковачевски е копија на Заев, син на транзициски функционер, кој беше заменик-министер за финансии кога јавниот долг отиде на 7 милијарди евра“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Одговарајќи на новинарски прашања по седницата на партиските тела на СДСМ, портпаролката Богданка Кузеска не одговори конкретно зошто Заев го промовирал токму Ковачевски за иден претседател на партијата.

Поранешниот претседател на СДСМ и премиер Владо Бучковски во ТВ-настап предупреди дека е можно натамошно разединување во партијата.

– По заминувањето на Заев имаат пројавено амбиции неколку групации, кои беа досега незадоволни од начинот на кој СДСМ ја водеше политиката од Преспанскиот договор, па до ден-денес. Мислам дека ја препознавате една групација што ја предводи поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски, кој и не го ни криеше тоа – истакна Бучковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот