СДСМ е подготвен за избори, власта за двотретинско мнозинство
Лидерот на СДСМ Венко Филипче ја прифати фрлената ракавица и одговори дека се спремни веднаш да истрчаат на избори. И Али Ахмети го прифати предизвикот заедно со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори, но Изет Меџити од Вреди смета дека не е време за избори, бидејќи Владата е стабилна.
Безмалку сите лидери и од власта и од опозицијата се фатија на провокацијата на премиерот Христијан Мицкоски, искажана од собраниската говорница, а упатена до лидерот на СДСМ Венко Филипче – да договорат предвремени парламентарни избори ако шефот на опозицијата е храбар и не се плаши, откако опозицискиот лидер побара оставка од Владата.
Филипче со задоцнување од неколку денови ја прифати фрлената ракавица и му одговори на премиерот дека СДСМ е спремна веднаш да истрча на избори. Лидерот на ДУИ Али Ахмети се истрча пред Филипче и го прифати предизвикот заедно со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори. Изет Меџити од Вреди, пак, смета дека не е време за избори, бидејќи Владата е стабилна, а сличен став претходно кажа и самиот премиер.
Филипче, иако лично беше прозван од Мицкоски, смета дека понудата не е до него, туку дека премиерот кокетира со Ахмети, зашто на владините партнери Вреди и ЗНАМ им е преполовена довербата.
– Тоа што има најава за предвремени парламентарни избори само пет месеци од формирањето на Владата е доказ дека на Владата навистина не ѝ оди. Нашата теренска анкета укажува дека 65 отсто од граѓаните не се задоволни од работата на Владата, или двајца од тројца граѓани не се задоволни од економските политики, од падот на животниот стандард, од тоа што Албанија нè претрка на европскиот пат… Ова, на некој начин кокетирање со ДУИ, би рекол дека е порака, пред сè, за Вреди и за ЗНАМ, кои очигледно имаат маргинализирана улога и, практично, преполовена поддршка. А што се однесува на СДСМ, ние сме спремни на какви било избори од денеска натаму и во секој следен циклус на избори ќе настапиме многу поорганизирано и многу поуспешно – рече Филипче.
Тој смета дека партијата почнала да се консолидира и информира дека партискиот конгрес веќе е закажан за 24 ноември, на кој ќе се избере новиот Централен одбор на партијата, од кој ќе произлезе и новиот Извршен одбор и целокупното партиско раководство.
Стојановски: СДСМ да поднесе барање за распуштање на Собранието
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски му порача на Филипче дека ако е сигурен во тоа што го зборува, тогаш пратениците да поднесат барање за распуштање на Собранието.
– Односите во владејачката коалиција се многу квалитетни и тоа може да се види и по политиките што се продуцираат во реалноста. Ако е навистина така и ако господинот Филипче е сигурен во тоа што го зборува, има пратеничката група, 18 пратеници, и нека поднесат барање за распуштање на Собранието, па тоа што го тврди да го провериме на избори – рече Стојановски.
За Меџити нема логика за предвремени избори зашто Владата е стабилна. Според него, нови избори се само губење време и непотребен трошок за државата.
– Од 90-тите досега немало постабилна влада и немало поголемо мнозинство од ова – 78, и тоа расте и сигурно за кратко време ќе надмине и 80 што е две третини од Собранието. Тоа е доволен коментар. За државата и за граѓаните кога има мнозинство од 80 пратеници, непотребно е да се размислува за предвремени избори, бидејќи тоа е само трошок за државата и губење време – рече Меџити.
Тој нагласи дека организирањето предвремени избори не е добро, бидејќи најмалку шест месеци пред и по изборите запираат сите постапки, сите јавни набавки, вработувања.
– Тоа влијае многу врз економијата и врз бизнисот. Затоа мислам дека нема да бидат среќни да има предвремени избори тие што сакаат да работат, односно бизнисот во оваа држава – смета Меџити.
Мицкоски: Наместо за избори, ДУИ да се подготви за одговорност
Иако понудата за избори не беше до него, Ахмети ја прифати и му порача на Филипче да не се плаши и да го прифати предизвикот.
– Самиот Мицкоски изјави дека ќе имаме предвремени парламентарни и локални избори по една година. Македонската опозиција мора да биде храбра затоа што немаат што да загубат, нека се подготват добро по една година на терен на избори со ВМРО, а ние на избори со сите оние коишто не мислат како нас и кои се претставуваат како претставници на Албанците во институциите на државата – рече Ахмети.
Лидерот на ДУИ, пак, доби одговор од Мицкоски – наместо за избори, да се подготви за одговорност. Премиерот рече дека Владата на изборите пред помалку од шест месеци добила повеќе од 600 илјади гласа и планираат во наредните четири години да го испорачаат тоа што го ветиле.
– Јас разбирам дека раководството на ДУИ не сака да биде во опозиција, исплашени дека конечно ја чувствуваат и тие одлучноста на Владата за борба против криминалот и корупцијата. Знаат сè што имаат правено во изминатите 20 години, свесни се и знаат дека полека но сигурно доаѓа денот кога ќе треба да бидат одговорни. Како резултат на тој страв, тие непринципиелно се храбрат и мислат дека на тој начин ќе магнетизираат повеќе гласачи – рече Мицкоски.