СДСМ: Дали Каролина Симоновска, директорка на „Козле“ врши мобинг врз вработените?

Функционирањето на единствениот Оддел за бронхоскопија во државата, кој се наоѓа во Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ е доведено во прашање после 40 години, обвинува СДСМ. Портпаролката на партијата Богданка Кузеска во изјава за медиумите вели дека причината за проблемите се погубните и непромислените одлуки на новата директорка, Каролина Симоновска, кадар на ВМРО ДПМНЕ.

Врвни специјализирани доктори за бронхоскопија, водејќи се од морална и етичка свест, си дадоа оставки поради одлуката на директорката Симоновска да не дозволи набавка на потребните материјали, апаратчињата „баскет“, во потребниот број. Дополнително, шест члена од новиот тим за бронхоскопија, исто така поднеле барање до директорката Симоновска да бидат изземни од извршување на работата. Апаратчињата „баскет“ се неопходни за извршување на интервенциите за безбедно вадење на залетнат предмет во дишните патишта кај малите деца. Симоновска сакала да го раскине и договорот со анестезиолозите, рече Кузеска. 

Таа побара директорката Симоновска треба да одговори, дали се точни информациите дека вработените на клиниката трпат мобинг и дали тоа е уште една од причините за распад на овој оддел кој работи над 40 години.

Во моментов на одделот за бронхоскопија нема ниту тим, ниту материјал, што го става под директен ризик здравјето и животот на децата на кои ќе им е потребна ваква интервенција. Директорке Симоновска, да ве потсетиме, Вие пред сѐ сте доктор кој положил заклетва, кој се обврзал дека ќе се грижи за здравјето на граѓаните. Во ваши раце е здравјето на нашите најмили. Клиниката „Козле“, не е ниту приватна фирма, ниту партија! Здравјето на децата нема цена и нема партиска припадност. Вашите одлуки се тотално неодговорни и опасни по здравјето на децата и треба да бидат променети. Бараме кадрите на ВМРО-ДПМНЕ веднаш да ја вратат во функција детската клиника Козле и директорката да понесе одговорност, велат од СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот