27.8 C
Скопје

СДСМ – армирана

По „севернокорејските“ внатрепарски избори, кои поминаа со еден кандидат и со акламација, сега новата заменичка на Заев „помина“ со „белоруско“ мнозинство од 682 гласа „за“, а само два „против“! Таква унисоност не навестува ништо добро.

Мазно и идилично, без потреси и конфликти СДСМ го одржа својот 26 Конгрес под мотото „Нова политика, СДСМ прв во промените“. Во својот говор лидерот Зоран Заев оцени дека партијата води успешна политика, дека државата, која пред четири години била опустошена и осиромашена, сега ниже успеси и дома и во светот. Дома, реформи и демократизација, покачени плати, пензии, социјалната помош, укината радиодифузна такса, поврат на ДДВ, успешни економски мерки против ковид-кризата…  Надвор, „тешки, но храбри“ договори со соседите, членство во НАТО, повратен углед во светот и отворена врата кон ЕУ.

И после овој вовед уследи избор на нов состав на Централен и на Надзорен одбор на партијата, со кој – види чудо – дури две третини од 120 членови беа сменети!

Си велите, нешто тука не штима! Ако СДСМ со овој состав на ЦО и НО извршил таков подвиг, една земја „рушевина“ да донесе до таква благосостојба, тие членови треба да бидат пофалени и наградени, а не да бидат „отфикарени“. Тимот што победува, нели, не се менува, или барем не „од корен“.

Објаснувањето на Заев дека гради „нов СДСМ, млад СДСМ“ (дури 37,5 отсто од предложенте биле млади) и дека ја „јакне арматурата на партијата(!?)“ не може да биде никакво оправдување за ваквиот „масакр“ на највисоките партиски тела. Или можеби Заев премногу буквално ја сфатил својата формулација дека „СДСМ победува зашто постојано се менува“? Да, но тој сам не се менува? Напротив, си го „армираше“ мандатот на неодамнешните внатрпартиски избори? Има само еден логичен заклучок – заслугите и успесите се на Заев, грешките се на останатите раководни тела. Нешто како Тито.

И сето тоа помина без никакво „таласање“, без ронка отпор, без никој да тресне на маса и да праша – чекајте сега, бевме успешни или бевме катастрофа? Особено затоа што Заев најави дека еден од петте главни приоритети на „новиот СДСМ“ е, цитирам: „охрабрување на различно мислење и поттикнување туѓи ставови“. Ех, лесно му е сега да биде толку „широк“ и демократичен, со толку „гуштери“ во партијата, кои својот метеорски напредок му го должат нему и само нему. Дури и да сака, нема да чуе ниту ронка критика ниту „различни мислења“, дури и кога некој од нив би ги имал.

Ако сакаше Заев да слуша критики имаше добра можност да се соочи со „различните мислења“ во неговата партија, кои доаѓаа од познати и докажани членови на СДСМ, некои од нив, оправдано или не, нарекувани „бранковисти“. Каде беа тие на овој конгрес? Зошто не им се слушна гласот? Зошто не ги наоѓаме нивните познати презимиња во долгата листа од 120 предложени за Централен, меѓу сите тие главно непознати, барем за пошироката јавност, презимиња? Ако им се дадеше можност да си го кажат своето, во име на нивните минати заслуги, овој конгрес немаше да помине така анемично.

Оваа „громогласна тишина“ треба да ги загрижи тие во партијата, но и тие надвор. СДСМ опасно лизга кон автократија, а прашање е во колкава мера тоа ќе се преточи и „надвор“. По „севернокорејските“ внатрепарски избори, кои поминаа со еден кандидат и со акламација, сега новата заменичка на Заев, на местото на Шекеринска, „помина“ со „белоруско“ мнозинство од 682 гласа „за“, а само два „против“! Таква унисоност не навестува ништо добро. Што се случи со фамозното „крило на Рада“ во партијата? Дали тоа беше само мит, дали Рада никогаш не била битна во партијата во која ја вложи целата младост, или некој тоа „крилце“ опасно го има  поткастрено?  Добро прашање за „доброинформирани партиски извори“.

Неместо овој конгрес да биде искористен за инклузија на што повеќе „отцепени“ и „разочарани“ социјадемократи, тој се претвори во билдање на партиската монолитност. А каде тоа води знаеме од примерот на Груевски, или посвежо на Вучиќ во соседна Србија.

Повозрасни и искусни политичари, кои го поминале и „едноумието“, велат дека добар партиски конгрес е како партија секс – ако не се крене никава врева или прашина, ако ништо не се потресе или растресе, не бил успешен! Но, времињата се менуваат, сега не е едноумие, (а што е, не се знае!) па и конгресите можеби не се тоа што биле. За повозрасните и поискусните, додуша, истото важи и за сексот.

П.С. Кадровското „освежување“ со куп лекари е посебна приказна. Како би се нарекла таа политичка стратегија, стручно? Политичко факторизирање на епидемиолошко-здравствената состојба? Е, браво!

 

 

 

 

Поврзани вести

Германското МВР потврди: Слободен влез за македонските граѓани од 20 јуни

Слободен печат

ФОТО: Барате викенд уживанција? Во Барово гостите спијат во вински буриња, гушнати со природата

Ј.К.Д.

Совет на ЕУ: Проширена листа на земји чии државјани немаат ограничувања за патување

Слободен печат

Британските лекари го идентификуваа индискиот сој на новиот коронавирус како најопасен и заразен

Слободен печат

Пандев и Ангеловски го прекршија протоколот на УЕФА, беа на вечера со семејствата

Слободен печат

Ако има „пиши-бриши“ часови, неделната дневница ќе се „стопи“

Соња Кириџиевска

Остави Коментар