Антониа Гиговска победник на „Макфест 2018“

751

Првата награда на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ годинава ја освои 17-годишната пејачка Антониа Гиговска, која што излезе и како победник по пребројувањето на резултатите од втората финална вечер.

Гиговска, која ја исполни композицијата „Никогаш не вели никогша“, како награда доби статуетка Макфест и 5.000 евра.

Второто место пак го освои Роберт Билбилов кој беше награден со 4.000 евра, а третата награда од 3.000 евра отиде во рацете на Дани Димитровска.

Пејачката Наташа Малинкова годинава беше добитничка на награда за најдобра интерпретација, за најдобар дебитант на 33.издание на „Макфест“ беше наградена Нина Блажев, признанието за најдобар сценски настап отиде кај пејачката Пепа, додека Роберт Билбилов ја зема и наградата за најдобар аранжман.

Наградите за овие пејачи изнесуваа по 500 евра.

Оваа година на „Макфест“, во големата сала на Домот на културата „Ацо Шопов“ беа изведени 32 композиции од домашната продукција. Победниците беа прогласени според гласови на стручно жири, медиумско жири и публиката.

По изведбите на 20-те песни што влегоа во финалната вечер свое музичко шоу имаше пејачот Дарио.

На фестивалот му беше оддадена почит и на прерано починатиот македонски пејач Влатко Илиевски.

Преносот на „Макфест 2018“ се емитуваше на Македонската радио телевизија, а фетсивалот трите вечери го водеше Марјана Станојковска.