САУДИСКИОТ ПРИНЦ ПРВПАТ ПРОГОВОРИ ЗА КАШОГИ: Јас сум одговорен, тоа се случи под моја власт

Фото: Профимедиа

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман призна дека ја сноси одговорноста за бруталното убиство на новинарот Џамал Кашоги кое саудиските оперативци го направија во зградата на конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, пишува „Ројтерс“.

Бин Салман тоа го кажа во документарецот на Пи-Би-Ес кој треба да се емитува следната недела. Ова е првпат принцот престолонаследник, дефакто владетел со Саудиска Арабија, јавно да зборува за убиството кое го здрма кралството и поради кое медиумите од западот вршеа голем притисок на своите влади построго да се постават кон Саудиска Арабија.

Изјавата на Бин Салман е интригантна особено поради обвиненијата дека самиот тој го нарачал убиството на Кашоги, во што се сомневаа и ЦИА и уште некои разузнавачки агенции на западните земји. Секако, Саудијците тврдеа дека принцот со тоа нема никаква врска.

Но, целиот скандал секако имаше големо влијание врз принцот и Саудиска Арабија вели дека откако протекоа податоци и детали за убиството, тој се уште ја нема посетено Европа или САД.

– Тоа се случи за време на мојата власт. Целата одговорност е моја, затоа што се случи за време на моето владеење – изјави тој за документарецот кој ќе биде објавен на 1. октомври.

Како што изгледа, ова „признание“ на Мохамед бин Салман е продолжение на призказната за „одметнатите оперативци“ која Саудијците започнаа да ја објавуваат, откако иницијално негираа било каква вмешаност во убиството. Но, како што доказите против нив се зголемуваа, а во јавноста протекоа и морничави аудио-снимки од убиството, беше јасно дека некој во Кралството мора да сноси одговорност за тоа дело. Секако, тоа не беше принцот престолонаследник, туку самите оперативци за кои речиси е сигурно дека делувале по негови напатствија, за подоцна да бидат обвинети дека работеле на своја рака, пишува „Јутањи.хр“.

Според „Јутарњи“, одржан е и монтиран процес во Саудиска Арабија, во чиј тек главната вина е ставена на првиот преговарач кој бил задолжен Кашоги да го „врати дома“. Обвинителнот за време на судењето изјави дека наредбата за убиството, и тоа преку програмот Скајп, ја изрекол Сауд ал-Кахтани, поранешен висок советник на Мохамед бин Салман. Вкупно за убиството се обвинети 11 лица, а засега се одржани само неколку рочишта.

Во текот на интервјуто, Бин Салман е запрашан како е можно целото убиство да се случи без негово знаење, а тој го избегна одговорот.

– Ние имаме 20 милиони граѓани. Имаме три милиони вработени – рекол тој.

Новинарот исто така го прашал зошто убијците користеле приватни авиони на власта.

– Јас имам функционери, министри кои ги следат работите и тие се одговорни за тоа. Тие имаат дозвола да го прават тоа – наводно му рекол принцот на новинарот на Пи-Би-Ес, всушност кога камерите не биле вклучени.

За потсетување, Кашоги во зградата на саудискиот конзулат во Истанбул влезе на 2. октомври минатата година за да подигне документи неопходни за своето венчање. Таму е убиен, неговото тело е исечено на парчиња, а остатоците се уште не се пронајдени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот