Саудискиот престолонаследник ветува поевтина енергија за Грција и Европа
Саудиска Арабија може да ѝ обезбеди евтина енергија на Европа, која би можела да ја доставува преку Грција, најави принцот Салман, наследник на саудискиот трон, при посетата на Атина.
Мохамед бин Салман ал Сауд ја избра Грција да биде првата европска земја што ја посетил по скандалот со убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудиската амбасада во Истанбул во 2018 година. Покрај Грција, тој ќе ја посети и Франција.
– Со поврзување на електричните мрежи, можеме преку Грција да ѝ обезбедиме на Југоисточна Европа многу поевтина енергија од обновливи извори – изјави принцот по средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Салман истакна дека има голем интерес Грција да биде центар за пренос на водот во Европа, како и за кабелско поврзување на телекомуникациските мрежи.
– Овие три се важни прашања што ќе ја променат позицијата на Грција и Саудиска Арабија и ќе ја поддржат Европа, особено јужна и западна Европа, со многу поевтина и ефикасна енергија од обновливи извори – порача престолонаследникот.