Саудиска Арабија нуди план на Хутите за крај на војната во Јемен

Фото: EPA-EFE/YAHYA ARHAB

Саудиска Арабија денеска соопшти дека ќе понуди план за јеменските бунтовници Хути за прекин на огнот во повеќегодишната војна во земјата со кој ќе се дозволи и повторно отворање на големиот аеродром во главниот град. Тоа е последниот обид на Кралството да ги запре борбите што предизвикаа најголема хуманитарна криза во најсиромашната нација во арапскиот свет.

Потегот на Саудиска Арабија следува откако јеменските бунтовници Хути ја зајакнаа кампањата со напади со беспилотни летала и ракети што се насочени кон нафтените локации на Кралството. Исто така, тоа се случува во момент кога Ријад се обидува да го рехабилитира својот имиџ со САД под претседателство на Џо Бајден.

Еднострано прогласениот саудиски прекин на огнот пропадна минатата година. Борбите беснеат околу клучниот град Мариб и коалицијата предводена од Саудиска Арабија почнаа воздушни напади уште вчера, насочени кон главниот град на Јемен, Сана.

Мисија на ОН соопшти дека во друг воздушен напад е погодена компанија за производство на храна во пристаништниот град Ходеида.

– Сега зависи се од Хутите, кои мора да одлучат дали да ги стават своите интереси на прво место или интересите на Иран на прво место, изјави саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан на прес-конференција во Ријад.

Саудиска Арабија соопшти дека планот ќе биде презентиран и пред Хутите и пред меѓународно признатата влада на Јемен во текот на денот. И двете ќе треба да го прифатат за тој да се реализира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот