Сасоли: Западен Балкан и ЕУ имаат заедничка судбина

Фото: МИА

Сасоли очекува претстојниот мајски самит на лидерите во Загреб да одигра клучна улога во европската перспектива на Западен Балкан.

Претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, по средбата со спикерите на парламентите од западниот Балкан повика на нов поттик за проширувањето на ЕУ кон регионот и одржување на ветувањата.

Претседателот на европскиот законодавен дом вчера ги покани претседателите на парламентите на шесте земји од Западен Балкан заедно со хрватскиот спикер, на средба на која е повторена заложбата на Европскиот парламент и на Европската унија за продолжување на процесот на проширување кон Западен Балкан.

Сасоли по средбата повтори дека регионот и ЕУ имаат „заедничка судбина“ и побара политичката волја да се претвори во дела.

– Во нашата заедничка декларација го повикуваме Европскиот Совет да продолжи да ја поддржува европската перспектива за Западен Балкан врз основа на исполнување на пристапните критериуми и да испрати недвосмислена и позитивна политичка порака за отворањето на претпристапните преговори и доделувањето кандидатски статус, итно е потребен нов поттик за процесот на проширување преку испорачување конкретни резултати, порача претседателот на Европскиот парламент.

Сасоли очекува претстојниот мајски самит на лидерите во Загреб да одигра клучна улога во овој поглед.

Заедничката декларација на претседателите на парламентите дава поддршка за “обновениот пристап кон проширувањето”, кој треба да биде формулиран наредната недела во форма на извештај од Европската Комисија за новата методологија на пристапните преговори и политиката на проширување на ЕУ.

– Проширувањето е процес кој бара големи напори и посветеност од сите страни и парламентите се клучни во исполнувањето на реформската агенда на ЕУ, смета Сасоли.

Претседателите на парламентите нагласуваат дека собраниската работа игра клучна улога во зајакнувањето на парламентарната демократија и култура заснована врз градењето на консензус преку добронамерен, отворен, инклузивен и неконфронтациски дијалог.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот