Сасоли: Направена е грешка со недоделувањето датум за преговори

Направена е грешка со недоделувањето датум за почеток на преговорите, но поддршката која доаѓа од големото мнозинство на пратеници во Европскиот парламент ќе продолжи и во иднина, истакнал претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли на денешната средба во Стразбур со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, на која присуствувала и потпретседателката на ЕП, Клара Добрев.

Во таа насока, како што соопшти собраниската прес-служба, била спомната најавената посета на претседателот Сасоли на Македонија во почетокот на ноември.

На средбата, Џафери изразил благодарност до Европскиот парламент за континуираната силна поддршка на процесот на проширување на Европската Унија и поддршката на европратениците за Северна Македонија безусловно да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

Тој понатаму нагласил дека, нашите очекувања беа дека по позитивните заклучоци на Советот на ЕУ во 2018 и 2019 година, ќе добиеме признание за остварените реформи и за преземените сериозни политички одлуки за исполнување на препораките на ЕУ.

Џафери нагласил дека разбирливо разочарувањето од одлуката на Европскиот совет да го одложи одредувањето на датум за почеток на преговорите со Република Северна Македонија е големо.

Тој истакнал дека, за нас е прифатливо унапредувањето на методологијата за пристапните преговори, но не се прифатливи какви било евентуални алтернативи на процесот на приклучување, односно, ставање на земјата во категоријата на соседството на ЕУ.

Истакнувајќи дека Берлинскиот процес е комплементарен на евроинтеграцискиот процес преку кој земјите од Западен Балкан можат да постигнат забрзан реформски напредок, ја повторил посветеноста кон процесот во интерес на поскора интеграција кон Европската Унија.

Потпретседателката на Европскиот парламент Добрев истакнала дека во идниот период се планира поинтензивна соработка со Собранието на Република Северна Македонија со цел да се врати довербата на граѓаните во европската иднина на земјата, која поради разочарувањето од одлуката на Европскиот совет, можно е сега да се чини подалечна, соопшти собраниската прес-служба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот