Сасоли до лидерите на ЕУ: Тие што се раѓаат сиромашни во Европа, предолго остануваат на тоа ниво

– Не се исполни она што претходните години се говореше дека од подобрувањата за богатите ќе имаат корист и сиромашните, укажа претседателот на ЕП.

Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли на состанокот со лидерите на земјите членки на Европската унија изјави дека одлуката за големите средства од над 1.800 милијарди евра за опоравување на Унијата од последиците на корона вирусот мора да придонесе за подобрување на економијата, здравството, но и на демократијата и социјалните права.

– Ова е ставот на убедливо мнозинство во Европскиот парламент, истакна Сасоли и наведе дека ЕУ „мора да ја прекрои економијата и да се фати во клинч со се поголемите разлики, бидејќи социјалните последици од кризата и загубата на работните места нема да поштеди никого.

– Парламентот ги претставува сите европски граѓани, а голем дел од нив едвај врзуваат крај со крај, предупреди Сасоли и додаде дека „веќе многу децении оние кои се родиле сиромашни, остануваат сиромашни“.

– Не се исполни она што претходните години се говореше дека од подобрувањата за богатите ќе имаат корист и сиромашните, укажа претседателот на ЕП.

Тој нагласи дека „доколку не биде овозможен праведен одговор за овие луѓе, ќе се соочиме не само со поголеми структурни проблеми во Европа, туку во опасност ќе се најде и отпорноста на демократските институции“.

Претседателот на ЕП нагласи дека парламентот на Унијата ги поддржува клучните ставки на големиот план за опоравување, а тоа се „зелена економија“, здравство, образование, дигитализација на економијата и јавните управи, демократски и социјални права.

Сасоли посочи и дека ЕП бара заедничкиот буџет на ЕУ од 2021 до 2027 година да биде поголем и повторно укажа на ставот на мнозинството европратеници дека буџетот и средствата за опоравување од корона вирусот не може да им бидат доделувани на оние членки на ЕУ во кои се крши владеењето на правото и основните слободи.

– Солидарноста и користа од заедничкиот пазар на ЕУ одат рака под рака со почитувањето на нашите вредности, заклучи претседателот на ЕП.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот