Во Бугарија се продолжува со митот дека во Македонија живеат заблудени Бугари на кои ако им се даде можност ќе ја разбудат својата заспана бугарска свест, вели аналитичарот Сашо Клековски од Македонскиот центар за меѓународна соработка за „Слободен печат“, во врска со се поизразените желби на бугарските власти да го зголемат своето присуство и влијание кај нас.
– Бугарија 30 години имаше можност да работи на зближување на народите и на државите, но освен што делеше бугарски државјанства, не стори ништо друго. Ниту досега никој не ги спречувал бугарските инвеститори да отворат медиуми, факултети и компании кај нас. Кај нас има Славјански универзитет, има Балкански колеџ, има разни меѓународни студии. Кој ги спречи бугарските инвеститори да отворат приватни образовни институции во Македонија? Особено што многу Македонци одат да студираат во Софија или во Благоевград. Истото важи и за отварање бугарски компании и никој никого не спречува ако се почитуваат законите. Ние имаме пример со бугарски инвеститор во Кочани кој е силен загадувач на воздухот и друг пример со бугарски инвеститор со рудниците во Струмичко. Ако мислат дека ние за нив ќе бидеме евтина колонија во која тие ќе ги донесат нивните валкани технологии што не можат да си ги применуваат дома оти се членка на ЕУ, се лажат. Сета ова нивна политика е во функција на одржување на митот за изманипулирана бугарска свест кај Македонците. Тие 30 години ја зборуваат истата приказна која е наменета за нивното гласачко тело и го одржуваат митот со напад кон нас, кон послабиот – вели Клековски.