Сашка и Сашко со здрав рецепт за пилешко со зеленчук и моцарела

сашка и сашко
Сашка и Сашко / Фото: Приватана архива

Сашкa и Сашкo стојат зад креативниот инстаграм-профил за храна @sash_dream. Сашка работи како координатор за набавки во странска компанија, а Сашко го менаџира сопствениот ресторан специјализиран за кетеринг и организација на настани од секаков тип.

Ќе сакате да ги направите повторно: Сашка и Сашко со рецепт за неодоливи браунис

Нивна заедничка пасија е гастрономијата, па како што ни открива Сашка, со готвењето се релаксира по напорните денови на работа, а Сашко, пак, ја развива својата креативност преку естетското послужување на приготвената храна. Оваа супер идеја е производ на пандемијата, а инспирација црпат од секојдневието и од блоговите за храна.

„Многу често се случувало да патуваме заедно, да вкусиме нешто карактеристично за дестинацијата, а ново за нас и веднаш кога ќе се вратиме да пробаме да направиме наша варијанта“, ни откриваат тие.

Денеска Сашка и Сашко ни откриваат рецепт за здрав нутритивен ручек или вечера – пилешко со тиквички, шери доматчиња и моцарела!

Фото: Приватана архива

Потребни состојки:

– 400 г пилешко
– 2 мали тиквички
– 1 мала главица кромид
– 10-тина шери домати
– 50 г свежа моцарела
– 1 лажица маслиново масло
– 3 лажички песто

Фото: Приватана архива

Подготовка:

Сите состојки ги сецкате на коцки. Пилешкото се зачинува со сол, црн бибер и сушен босилек. Најпрво во добро загреана тава со маслиново масло го пропржувате кромидот, па по следниот редослед ги додавате и останатите состојки: пилешкото, тиквичката, шери доматите, па пестото. Секоја наредна состојка ја додавате после 5 минути, промешувајќи повремено. Откако ќе го додадете пестото ја исклучувате ринглата, ја додавате моцарелата (претходно насецкана на коцкички) и вашиот ручек или вечера е готова!

Овој рецепт е за две лица, а во продолжение ги имате нутритивните вредности по порција:

– 442 калории
– 13.4 г јаглехидрати
– 23.4 г масти
– 45.3 г протеин

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот