Сашка и Сашко ни приготвија интересен рецепт: Чоколадна варијанта на познатиот Њујорк чизкејк

Сашка и Сашко / Фото: Приватна архива

Сашка и Сашко стојат зад креативниот инстаграм-профил за храна sash_dream. Сашка работи како координатор за набавки во странска компанија, а Сашко го менаџира сопствениот ресторан специјализиран за кетеринг и организација на настани од секаков тип.

Нивна заедничка пасија е гастрономијата, па како што ни открива Сашка, со готвењето се релаксира по напорните денови на работа, а Сашко пак, ја развива својата креативност преку естетското послужување на приготвената храна. Оваа суперидеја е производ на пандемијата, а инспирација црпат од секојдневието и од блоговите за храна.

„Многу често се случувало да патуваме заедно, да вкусиме нешто карактеристично за дестинацијата, а ново за нас и веднаш кога ќе се вратиме да пробаме да направиме наша варијанта“, ни откриваат тие.

торта
Фото: Приватна архива

Денеска ни откриваат рецепт за чоколадна варијанта на класичниот Њујорк чизкејк.

Состојки:

Кора:

  • 24 орео колачиња (мелени)
  • 80 гр путер (растопен)

Фил:

  •  500 гр крем сирење
  • 500 гр маскарпоне
  • 60 мл млеко
  • 3 јајца + 2 жолчки
  • 300 гр шеќер
  • 2 лажици какао во прав
  • 250 гр темно чоколадо (растопено)
  • 2 лажици ванила

Ганаш:

  • 250 гр темно чоколадо
  • 120 мл слатка павлака

 

View this post on Instagram

 

A post shared by SASH. (@sash_dream)

Подготовка:

Калапот за печење со големина од 24 см обложете го со алуминиумска фолија, а внатрешноста премачкајте ја со путер. Соединете ги орео колачите и путерот и натапкајте ги во садот така што ќе формирате кора. Крем сирењето и маскарпонето кои стоеле на собна температура изматете ги убаво во длабок сад, па постепено додавајте ги: млекото, јајцата, жолчките и шеќерот и убаво измиксајте. Додадете ги какаото и ванилата и миксајте уште 30-тина секунди, додека не се соедини. Со гумена шпатула додадете го растопеното чоколадо кое сте го оставиле 10-тина минути да се излади. Истурете ја смесата врз „орео“ кората. Во поголемо тавче ставете го калапот и залијте го со зовриена вода до половина. Се пече 1 час и 20 минути во загреана рерна на 160 степени (при што не смее да се отвора рерната, a после тоа исклучете ја рерната и оставете го уште 45 минути. Финално извадете го на собна температура и оставете да се излади барем 40 минути пред да го ставите во фрижидер (цела ноќ или барем 4 часа). Потоа, отстранете го обрачот од калапот, полејте го со ганаш, кој се подготвува многу едноставно: зовријте ја слатката павлака и истурете ја врз чоколадото, па размешајте додека да се соедини. Почекајте ганашот да се стегне
пред послужување.

На здравје!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот