Сашка и Сашко ни подготвија крекери од цвекло и хелда: Здрави, вкусни и лесни за подготовка!

сашка и сашко
Сашка и Сашко / Фото: Приватна архива

Сашка и Сашко стојат зад креативниот инстаграм-профил за храна @sash_dream. Сашка работи како координатор за набавки во странска компанија, а Сашко го менаџира сопствениот ресторан специјализиран за кетеринг и организација на настани од секаков тип.

Нивна заедничка пасија е гастрономијата, па како што ни открива Сашка, со готвењето се релаксира по напорните денови на работа, а Сашко пак, ја развива својата креативност преку естетското послужување на приготвената храна. Оваа суперидеја е производ на пандемијата, а инспирација црпат од секојдневието и од блоговите за храна.

„Многу често се случувало да патуваме заедно, да вкусиме нешто карактеристично за дестинацијата, а ново за нас и веднаш кога ќе се вратиме да пробаме да направиме наша варијанта“, ни откриваат тие.

Денеска споделуваат супер идеја за крекери од цвекло со фета.

„Овие црвени крекери од цвекло и хелда се за сите кои се „зависни“ од грицки како нас, а се трудат да се хранат балансирано“, велат тие.

Состојки за крекери:

– 120г цвекло (го мерите излупено)
– 1 ипол лажичка сок од лимон
– 90г лупен сончоглед
– 210г брашно од хелда
– 3 лажици ленено семе (ние користевме златно)
– 1/2 лажичка сол
– 1 лажичка зачин италијански микс или по ваша желба
– 3 лажици маслиново масло
– 5-6 лажици вода

Состојки за фета намаз:
– 100г фета сирење
– 100г свежо крем сирење
– 2 лажици вода
– зачини по желба (сол, бибер, копар, лук..)

Подготовка:

Цвеклото го рендате на ситно, го ставате во длабок сад и врз него го истурате сокот од лимон. Сончогледот го блендирате за да добие конзистентност како брашно, внимателно да не претерате па да добиете путер смеса. Изблендираниот сончоглед го ставате во голем сад и таму ги додавате брашното од хелда, лененото семе, солта и зачините. Промешувате за состојките да се соединат, па го додавате цвеклото со лимон, па маслото и на крај водата, една по една лажица бидејќи може нема да ви биде потребна цела количина (зависи од сочноста на цвеклото). Промешувате прво со дрвена лажица или шпатула, а потоа го месите тестото со рака за да се соедини и да добиете лепливо топче. Го делите на два дела и од секој дел сукате кора со дебелина од 3-4мм, па со помош на модла си правите форми по желба и ги редите на тавче претходно обложено со хартија за печење. Се печат 15-тина минути во загреана рерна на 200°С конвенционално или 180°С со вентилатор.

За намазот првин со вилушка го пасирате фета сирењето, па ги додавате крем сирењето и водата и матите со миксер (бидејќи е мала количина ние користевме само една перка од рачниот миксер), ги додавате зачините и повторно матите уште пола минута.

Видео на денот