Сашка и Сашко ни откриваат едноставен рецепт за њоки од сладок компир

сашка и сашко
Рецепт на Сашка и Сашко / Фото: Приватна архива

Сашкa и Сашкo стојат зад креативниот инстаграм-профил за храна @sash_dream. Сашка работи како координатор за набавки во странска компанија, а Сашко го менаџира сопствениот ресторан специјализиран за кетеринг и организација на настани од секаков тип.

Сашка и Сашко со рецепт за оризови барчиња со карамела и чоколадо

Нивна заедничка пасија е гастрономијата, па како што ни открива Сашка, со готвењето се релаксира по напорните денови на работа, а Сашко, пак, ја развива својата креативност преку естетското послужување на приготвената храна. Оваа супер идеја е производ на пандемијата, а инспирација црпат од секојдневието и од блоговите за храна.

„Многу често се случувало да патуваме заедно, да вкусиме нешто карактеристично за дестинацијата, а ново за нас и веднаш кога ќе се вратиме да пробаме да направиме наша варијанта“, ни откриваат тие.

Денеска Сашка и Сашко споделуваат рецепт за њоки од сладок компир.

„Најчесто кога ќе слушнеме њоки мислиме дека е нешто многу сложено за правење, но верувајте рецептот е многу едноставен“, велат тие.

Потребни состојки:

– 4 средни слатки компири (околу 600-650 г)
– 2 ипол шолји „00“ тип брашно + за замесување
– 1 лажичка сол

За сосот:
– 2-3 лажици путер
– неколку ливчиња свежа жалфија
– гранче рузмарин
– буковец
– кора од пола лимета
– пармезан

сашка и сашкоа
Рецепт на Сашка и Сашко / Фото: Приватна архива

Подготовка:

Сладкиот компир го измивате и со помош на вилушка го избоцкувате од сите страни. Потоа го ставате да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 40-50 минути. Откако ќе се испече, го сечете вертикално за побрзо да се олади и му ја вадите лушпата. Би требало многу лесно да се отстрани доколку е добро испечен. Го ставате компирот во длабок сад, го пасирате со алатка за пире или со вилушка, па ја додавате пола количина брашно и солта. Повторно пасирате за да добиете хомогена смеса (леплива). На крај го додавате остатокот од брашното и месите рачно за да оформите топчесто тесто. По потреба може да додадете уште малку брашно. Така добиеното тесто го делите на шест еднакви дела и од секое сукате тенка кора малку подебелка од вашиот прст. Потоа, со помош на мазен нож (без запци) ја сецкате на растојание од 1цм. Откако ќе ги насецкате њоките ги увалкувате во брашно и ги ставате во тавче наредени во еден слој за да не се залепат/смачкат. Њоките ги варите во зовриена вода со сол, а знаете дека се готови кога ќе пливнат на површината. „Сосот“ е исто така многу едноставен. На тавче ставете две-три лажици путер, пропржете неколку лисја свежа жалфија, гранче рузмарин, буковец и кора од пола лимета. Додадете ги сварените њоки, пропржете повторно, додадете сок од пола лимета, неколку лажици од водата во која ги готвевте њоките и секако пармезан!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот