Сараќино и Фалише една недела се без вода за пиење, ЈКП Тетово не може да ја лоцира затнатата водоводна цевка

Фото: ЈКП - Тетово

Затната водоводна цевка е причина поради која тетовските села Сараќино и Фалише една недела се без вода за пиење. Вработените на ЈКП Тетово се` уште не можат да лоцираат на која локација е затната водоводната линија, оти се работи за водоводна цевка од 12 километри, која поминува низ земјоделска површина, па и според досегашното искуство, најверојатно во самата цевка има заглавено тиња, некој корен, камења и слично.

Фото: Слободен печат

„Моментално низ водоводната цевка има само 10% проток на вода од вкупната количина, затоа и сме убедени дека цевката е затната. Досега сме исконтролирале локација повеќе од 10 километри од вкупната должина на водоводната цевка, но се уште не сме го пронашле дефектот. Остануваат уште безмалку 2 километри, се надеваме дека ќе најдеме каде е затната цевката и ќе се реши проблемот. Проблемот е на потегот од Брвеница-Долно Седларце во правец кон железничката пруга. Утврдивме дека оваа траса е направена 1977 година, но во 90-тите години имало промена поради изградба на автопатот Тетово-Гостивар и тие измени не се евидентирани. Затоа сега имаме проблем да се утврди каде е дефектот. На неколку места правевме проверки и затоа ја исклучуваме можноста дека дефект има над автопатот кон бунарот во реонот на Палчиште-Калник“, изјави Љуљзим Шаќири раководител на секцијата Водовод и канализација при ЈКП Тетово.

Жителите на тетовските села Фалише и Сараќино веќе седми ден се без вода за пиење.

„Се надеваме дека конечно ќе го решат проблемот, моментално се снаоѓаме како знаеме и умееме, тешко е без чиста вода за пиење, но позитивно е што е зима, па потребата од вода како во летниот период не е толку голема, но сепак сметам дека треба да ни пратат цистерни со чиста вода за пиење“, вели еден жител на село Фалише.

Овој водоснабдителен систем е дотраен, причина поради која често пати се соочува со дефекти, а селата остануваат без вода за пиење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот