Сараево мон амур

Фото: Француската актерка, Изабел Ипер е добитник на почесна награда на Сараевскиот филмски фестивал

Во првите три дена од годинешниот 25. Сараевски филмски фестивал им беа доделени почесни награди на три исклучително значајни светски имиња кои го одбележаа филмот последниве децении: режисерите Павел Павликовски и Алехандро Гонзалес Инариту, како и актерката Изабел Ипер. А што е најинтересно, веќе е најавен и четвртиот добитник, еден од најособените британски актери, Тим Рот.

Британско-полскиот автор Павел Павликовски, чиј филм „Студена војна“ лани го отвори Сараево, оваа година беше првиот добитник на „Срцето на Сараево“, а публиката има можност да го види целиот негов опус во програмата „Посветено“. Веднаш по него оваа веќе препознатлива награда, но и посакувана, ја доби и мексиканскиот режисер Алехандро Гонзалес Инариту, еден од дефинитивно најоригиналните автори чии исклучителни филмови ги одбележаа првите две децении на новиот милениум, како „Аморес перос“, „21 грам“, „Вавилон“, „Човек-птица“, „Повратник“.

Инариту е добитник на дури пет „Оскари“, па сепак за „Срцето на Сараево“ вели дека оваа награда има дополнителна тежина и вредност.

„Мислам дека времето е единствен судија на нашата работа, бидејќи само времето може вистински да покаже колку нешто е квалитетно. Факт е дека наградите и натпреварувањата се добри, така светот функционира, но морам да кажам дека ми е многу мило што сум добитник на оваа престижна награда, затоа што мислам дека има голема тежина поради сето она што се врзува за Фестивалот“, изјави Инариту, за кого интересот беше огромен, а тој остави силен впечаток токму поради својата едноставност и пристапност.

Наградата веќе и припадна и на легендарната француска актерка Изабел Ипер, која рече дека за неа Фестивалот го слави животот и виталноста на Сараево.

„За мене е посебно да се биде овде, бидејќи Сараево е идеал на космополитизмот“, додаде Ипер изговарајќи го со големо задоволство годинешното мото на фестивалот „Сараево мон амур“.

И уште не завршила првата половина на фестивалот, веќе е најавено ново изненадување. Доаѓа еден од најмаркантните, но и најнадарени автори, Тим Рот, чии улоги умеат да остават без здив. А се очекува и Гаел Гарсија Бернал, но ќе видиме во следните денови уште какви изненадувања подготвил Сараевскиот фестивал за ова годинешно јубилејно издание.

Растењето на Саревскиот фестивал е вистински феномен, бидејќи како што изјави директорот Мирсад Пуриватра, денеска на него работат 1.000 луѓе, од кои 650 се редовно вработени, а над тристотини се волонтери и од тоа различни земји во поширокиот регион. Факт е дека за време на фестивалот некако се повеќе сите сакаат да бидат овде. Атмосферата е единствена, бидејќи освен што има гламур и потсетува на најголемите и најзначајни фестивали во светот, сепак може да се каже дека е наш, посветен на регионот, и покрај сето тоа, е едноставен, отворен за сите, негувајќи ја својата традиција и автентичност и нудејќи нешто што никаде го нема. А тоа е големото гостопримство, надополнето со сите карактеристики што овој регион го парават посебен. Токму затоа, покрај филмаџиите, на фестивалот доаѓаат огромен број гости и туристи, кои сакаат да го посетат Сараево за време на фестивалот, без оглед дали ќе гледаат филмови. Сараевскиот фестивал стана феномен, и дефинитивно еден од најзначајните настани во регионот, кој единствен носи такви ѕвезди, и може да ги донесе во толку голем број во текот на само едно издание.

За време на 25 години Сараево нуди дури 18 програми, 270 филмови од 56 земји, 68 светски и 12 меѓународни премиери и 53 филма кои се борат за наградите, „Срцето на Сараево“. И ова е еден од ретките фестивали кој се одржува 70 проценти од продажба на карти. Навистина е задоволство да се биде тука, во преполни сали, каде што билетарите постојано се под инвазија од посетители, каде што разговорите со авторите по проекциите се вистинско задоволство.

Што се однесува до филмовите, првиот дел од фестивалот го одбележуваат семејни драми во кои се издвојува босанскиот филм на отворањето, „Син“ на Инес Тановиќ, како и албанскиот „Отворена врата“ на дебитантот Флоренц Папас, кој некако веќе ја наметнува Албанија како една доста посвежа и поинтересна кинематографија, за разлика од Романија и Бугарија кои веќе се повеќе се повторуваат. На пример, во еден ист ден ги видовме словенечкиот „Полусестра“ на Дамјан Козоле и албанскиот „Отворена врата“, а во двата Македонија е копродуцент, и може слободно да се каже дека Козоле се повторува и покажува една истрошеност и неинвентивност (слаба посетеност и доста гледачи ја напуштија проекцијата), додека „Отворена врата“ беше испратен со силни овации, сосем заслужени. Во „Отворена врата“ во една од улогите се појавува и актерот Висар Вишка.

Што се однесува до нашето претставување овде, а за што веќе претходно пишувавме, Македонија е годинава доста присутна на фестивалот. На документарниот филм „Медена земја“ му беше направена голема чест, па со него и беше отворена документарната програма. Во Сараево се режисерите, Тамара Котевска и Љубо Стефанов, а тука е и Атиџе, како и снимателот Самир Љума и како што пренесуваат, приемот во мултиплекс киносалите бил одличен, со аплаузи, овации и со многу долг разговор со публиката после тоа. Интересот беше голем и за филмот „Господ постои, името и е Петрунија“, кој беше прикажан „Во фокусот“, а Теона Стругар Митевска годинава е и член на главното жири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот