Сара Реџиќ, модна дизајнерка: Мал број жени имаат храброст да си поиграат со модата

Среќна сум што од морето униформирани жени се издвојува една група кои не се плашат да бидат различни.

Откако се појави на модната сцена, името на младата модна дизајнерка Сара Реџиќ асоцира на ведро расположение и нежна женска енергија која ни ја пренесува преку впечатливи модни парчиња на кои не им недостига смелост.

Какви трендови ни носиш за претстојната летна сезона?

– Ова е едно посебно лето во животот на секој од нас. Би сакала да го обојам во највесели бои. Имам море од идеи за лежерни комбинации во етно, бохо и романтичен стил, тоа е мојата насока и јас тоа си го нарекувам висока улична мода.

Кому се обраќаш преку твоите модни дизајни?

– Среќна сум што од морето униформирани жени се издвојува една група на лежерни, разиграни и различни кои не се плашат да скокнат во шаренилото од моите идеи и да бидат различни, но задоволни. А широчината на нивните насмевки е најголема награда за мојот труд.

Од која жена најмногу научи за модата?

– Да бидам искрена, не дека не ги следам модните трендови, меѓутоа многу не се потпирам на нив. Мене ми е убаво тоа што јас го осмислувам и кое што мене ми се допаѓа.

Што треба да поседува еден млад моден дизајнер за по него, како што велат за тебе после твоите ревии, „рацете од аплауз ми се зацрвенија“?

– Добриот дизајнер пред сè треба да биде оригинален и препознатлив. Да остава свој печат по кој луѓето во секое време ќе го препознаат.

Колку Македонките имат чувство за стил?

– Ова е тешко прашање, секој е оригинален на свој начин. За жал, многу мал број жени имаат храброст и си допуштаат да си поиграат со модата, иако во сржта модата и не е ништо друго освен една голема игра. Токму поради тоа немање храброст многу жени не се во можност својата внатрешна широчина и шаренило да ја изнесат, верувајќи дека околината нема да го одобри и прифати тоа.

Што беше тоа телевизиски костимограф и кои наши телевизиски личности би сакала да ги дотераш или преоблечеш?

– Има една српска поговорка која вели „ костумот кажува што човек посакува“ („одело вели шта човек жели“). Раководејќи се според неа, навистина немам желба јас да облекувам било кого од телевизиската сцена. Телевизиски костимографи можеби имало порано, во едно време кое јас не го паметам. Живееме во едно чудно време кога најчесто секој сам се снаоѓа, па така, за жал, костимографите имаат многу малку работа.

Кога ќе ѕирнеш преку моден агол во стилот на изборната кампања, што гледаш?

– Униформираност и едноличност, накусо речено, не ми се допаѓа. Кога јас би ги облекувала, сите би ги облекла во боите на виножитото, со надеж дека тоа би влијаело врз нивното размислување и врз севкупното живеење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот