Сара Климоска: Сонував да играм со Весна Тривалиќ и во „Сенки над Балканот“ тоа ми се оствари

Актерката Сара Климовска е добитничка на наградата „Златна рамка“ за најдобар актер на годината што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) и тоа е нејзина прва награда.

„Имав среќа да почнам да работам уште додека бев на факултет, бидејќи единствено работно место за актерите е театарот, а конкурси се отвораат еднаш на четири или пет години, така што позицијата на младите актери кај нас е прилично тешка“, вели Климоска.

Иако млада, Климоска веќе има завидна листа на улоги, ја игра една од трите главни женски улоги во филмот „Врба“ од Милчо Манчевски, „Џган“ на Вардан Тозија, кратките „Види ја ти неа“, кој се прикажуваше на фестивалот „Санденс“, настапи во сериите „Преспав“, „Фамилија Марковски“ и популарната „Сенки над Балканот“.

„Секоја улога, секој процес уште пред факултетот ми беше посебно искуство, па не можам да издвојам од кого најмногу научив, бидејќи учев од постарите актери, но и од помладите колеги, од режисерите. Многу ми е драго што имав прилика да работам со режисерот Горан Столески, кратко со Никола Ристановски, колективот во Драмски е извонреден и тоа се покажа со претставата „Мојот маж“, Милчо Манчевски, Вардан Тозија и други. Исто така големо искуство беше работата со Драган Бјелогрлиќ кој е вистинска ѕвезда, а ми се оствари и сонот да заиграм покрај актерката Весна Тривалиќ, која ја гледав уште како мала“, вели актерката Климоска.

Инаку, според Климоска, во македонскиот филм треба да има повеќе жени филмски авторки. Таа игра во претставата „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ и ја повика публиката да ја види претставата „Се работи за интересна претстава, нема да откривам детали, ја поканувам публиката да дојде во Драмски театар, да ја види претставата“, рече Климоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот