Сара Јанева, оперска пејачка: Живееме во општество во кое преовладува музичкиот квантитет

Сара Јанева / Фото: Denys Shay / Produkto.io

„Како мала се восхитував на вештината што ја поседуваат оперските изведувачи. Апстрактноста и процесот во произведувањето на тонот ми изгледаа мистично. Сметам дека во природата на човекот е она што не е опипливо да буди поголем интерес за истражување, па така малку подоцна започнав да ја изучувам вокалната техника“, ни открива таа.

Сара Јанева е млада оперска пејачка, која по средното музичко училиште го продолжила своето образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот за соло-пеење.

Штотуку дипломирана, таа полека но сигурно се впушта во светот на музиката и можеби сè уште не доволно свесна до каде може да ја одведе нејзиниот извонреден глас.

Јанева била дел од Фестивалот „Феурих“ во Виена, Австрија, Концертот на руски романси во Македонија во склоп на Националната опера и балет во Скопје. Пеела и на Слободна среда-циклус концерти организирани преку Музичка младина на Македонија во Даут пашин-амам во Скопје, како и на настанот Денови на македонската музика во Музеј на македонската броба, „Класична музика за Струмица“ во Културниот центар „Антон Панов“ во родната Струмица итн.

Сара Јанева
Сара Јанева, Крањ, Словенија / Фото: Produkto.io

Во јуни годинава се претставила на Гала оперскиот концерт „Млади оперски надежи – Коста Трпков“ во придружба на оркестарот на Национална опера и балет, а во август била дел од концертот „Единаесет изведби на „Кармен“ од Ж. Бизе во улога на Фраскита во Блед, Словенија како единствен претставник од Македонија и била стипендист во летната академија на маестро Жорж Пеливаниан.

Со младата оперска пејачка Сара Јанева поразговаравме за нејзините музички почетоци, како се определила за оваа професија и за нејзините идни планови.

На што прво помислуваш кога ќе се споменат твоите музички почетоци? Како почна твојата музичка приказна?

– Мојата музичка приказна започнува на шестгодишна возраст кога во домот беше сместен нов инструмент. Бев восхитена и заинтригирана од звуците што ги создаваше мојот иден другар. Сериозната музика може сериозно да го обликува развојот на едно дете. Се радувам што моите родители биле свесни за тоа. Водена од детската забава што ја причинуваше инструментот и љубопитноста како да се отсвири автентична мелодија беа причините да прифатам да ги посетувам првите часови по пијано и да влезам во магичниот свет на музиката.

Како реши да станеш оперска пејачка? Раскажи ни малку повеќе за твоето искуство во Факултетот за музичка уметност?

– Како мала се восхитував на вештината што ја поседуваат оперските изведувачи. Апстрактноста и процесот во произведувањето на тонот ми изгледаа мистично. Сметам дека во природата на човекот е она што не е опипливо да буди поголем интерес за истражување, па така малку подоцна започнав да ја изучувам вокалната техника најпрво во средно музичко училиште, а по завршувањето, продолжив со моето образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот по соло-пеење. Во изминативе години на Факултетот за музичка уметност сретнав луѓе, сретнав професионалци што се целосно посветени на музиката и кои безрезервно го споделуваа искуството што го стекнувале со години. Во сеќавање како најдраг спомен од студентските денови ќе ми бидат концертите со моите колеги и ентузијазмот за меѓусебна соработка што го поседувавме.

Сара Јанева
Сара Јанева, Шкофја Лока, Словенија / Фото: Denys Shay

Кои беа твоите најголеми предизвици во кариерата досега?

– Мојот последен проект. Веднаш по моето дипломирање и успешната аудиција за улогата на Фраскита од операта „Кармен“ од Жорж Бизе, заминав во Блед, Словенија, како единствен претставник од Македонија и бев стипендист во летната академија на маестро Жорж Пеливаниан. Првата половина од месецот беше посветена на усовршување на улогите што ни беа претходно доделени, додека втората половина од месецот одржавме концертни изведби на операта во единаесет градови низ Словенија. Беше предизвик да се зачува гласот во својата здрава форма, бидејќи единаесетте настапи се одржаа во петнаесет дена, па постојаното патување од Блед до локацијата на која што се одржуваше концертот, тонските проби и самите претстави беа доста заморни, но сепак доколку еден пејач има создадено своја рутина и здрави животни навики, сето тоа ќе придонесе секој настап да биде квалитетен.

На кои изведби/настапи најмногу се гордееш?

– Драги ми се сите концерти досега. Би го издвоила настапот во „Каисерсал“ во Виена, Австрија, во 2019 година, потоа концертите организирани преку Музичката младина на Македонија, концертите насловени како „Денови на македонската музика“ на кои се изведуваат композиции од нашите македонски композитори, концертот во преубавиот замок во Шкофја Лока, концертот во аудиториумот во Порторож итн. Од наградите би ја издвоила првата награда на Балканска романсијада во Софија, Бугарија, во 2020 година.

Кои се твоите омилени музичари минати и сегашни? Од кого учиш и се инспирираш?

– Се радувам што имав можност да учам од некои од најдобрите оперски изведувачи во земјава. Тоа се моите ментори од факултет, Славица Галиќ-Петровска и Весна Ѓиновска-Илкова и од македонските значајни музички имиња Милка Ефтимова и Ана Дурловски. Тие ми се најблизок пример дека секоја голема сцена е отворена за нас младите, доколку посветено работиме. Од изведувачите со светска кариера би ги издвоила Чечилија Бартоли и Едита Груберова како мои омилени, но многу често слушам барокни оркестри и пијанисти.

Сара Јанева
Сара Јанева, Крањ, Словенија / Фото: Produkto.io

Честите настапи пред публика дури и за најискусните артисти понекогаш знаат да предизвикаат трема и нелагодност. Дали и тебе некогаш те обзема тоа чувство и како се справуваш со тоа?

– Сметам дека тремата и нелагодноста во текот на јавниот настап е тесно поврзана со одговорноста што самиот протагонист ја носи во себе за она што треба да се пренесе на публиката. Јас лично сметам дека тоа е чувство што ќе биде присутно во текот на сите мои настапи и во иднина, но дека со текот на годините станувам сè поумешна во неговото контролирање. Пред настап се трудам да се подготвам најдобро што можам, да ја проучам убаво музиката што треба да ја изведувам, па така создавам една пријатна атмосфера за себе, за оние што ја споделуваат сцената со мене и, најважно, за публиката. Добрата подготовка пред настап е мојата тајна за справување со тремата.

Како музичар што е твојата дефиниција за успех?

– Јас со своите дваесет и две години сметам дека сум премлада да зборувам за успех во мојата професија, но следните десет години се периодот кога треба да се носат вистинските одлуки и да го пробивам мојот пат работејќи вредно, но и мудро, бидејќи живееме во општество во кое преовладува музичкиот квантитет.

Кои се твоите планови за во иднина?

– Следниот период ќе го посветам на учење и усовршување нови оперски улоги, но веќе во план се и неколку солистички концерти. Со задоволство ве поканувам на мојот солистички концерт на 5 октомври во Музеј на македонската борба организиран од страна на Музичка младина на Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот