Сања и Ирис, дуо „Инфинитас“: Разновидноста ги прави нештата попривлечни и интересни

Нашата публика сè повеќе бара да се свират преработки од познати боса нова евергрини, француски шансони и музика која ја слушале постарите генерации, велат Сања Јовановска и Ирис Стефановска Арсовска од дуото „Инфинитас“.

Виолистката Сања Јовановска и виолончелистката Ирис Стефановска Арсовска, членки на оркестарот на Македонската опера и балет, две убави и талентирани музичарки, и две пријателки, имаат свое дуо насловено „Инфинитас“ со кое на македонската публика ѝ нудат нешто поинаку од она што вообичаено може да се слушне.

Со каква креативна идеја го основавте женското дуо Инфинитас?

Ирис: Со Сања се познаваме уште од средношколските денови, подоцна бевме заедно на факултет, па во разни состави и бендови, и поради тоа долгогодишно и искрено пријателство, природно си дојде и идејата за формирање на дуо. Се разбира, помогна фактот што со Сања имаме ист вкус за музика и сакавме на македонската публика да ѝ понудиме нешто малку поинаку од она кое што се нудеше пред тие седум-осум години.

Какви изведби на преработки бара да слушне мнозинството од македонската публика?

Сања: На почетокот, кога почнавме да настапуваме, имавме многу поопширен репертоар затоа што сакавме да видиме на што од тоа што нас ни се допаѓа да изведуваме реагира македонската публика. Со тек на време и нашиот стил дојде до израз. Можам да кажам дека нашата публика сè повеќе бара да се свират преработки од познати боса нова евергрини, француски шансони и музика која ја слушале постарите генерации. Се трудиме да ја приближиме на помладите генерации таа една ера која сметам дека има оставено огромен позитивен ефект на музиката.

Предност ли е што сте женско дуо?

Сања: Знае некогаш да ни биде и тоа како тешко кога самите треба да се погрижиме да стигнеме на некој настап со целата наша опрема.

На што се должи кај нашите млади поширокото прифаќање на турбо-фолкот и воопшто губењето на музичките вредносни критериуми?

Ирис: Пред околу десетина години како наеднаш да ја снема македонската сцена која беше достојна на светската. Од познати џез, рок, фанк фестивали, фестивали на изворна македонска музика, одеднаш се најдовме „клекнати“ пред трендот на турбо фолк музиката. Тој нов тренд ја окупира целата наша сцена и не се остави простор секој да има избор што ќе изведува или свири. Многу култни бендови од различни жанрови престанаа да функционираат од многу разбирливи причини, и така нашите млади немаа можност да направат избор. Во секоја дискотека, клуб, кафеана и кафуле се пушта турбо фолк, со чест на ретки исклучоци. Мислам дека голем дел од одговорноста за немање поразновидна програма треба да се бара и во македонските телевизиски и радио медиуми. Сепак, разновидноста е таа која прави нештата да се попривлечни и интересни. Лично знам да се расположам и на турбо фолк, но сакам да имам избор при слушање музика.

Како ги поминувате деновите за време на коронакризата сега кога Македонската опера и балет е затворена? Како ја одржувате музичката кондиција?

Ирис: Со оглед на ситуацијата, се разбира дека секојдневието е во голема мера променето. Македонската опера и балет е меѓу првите институции од овој карактер кои престанаа да одржуваат тековен репертоар. На почетокот беше многу чудно, бидејќи ние како ансамбл во тој период почнуваме со подготовки за отварање на Мајските оперски вечери и навикнати сме на многу побрзо темпо на работа од вообичаеното кое, секако, знае да биде и доста напорно. Првите две недели дојдоа како долго очекуван одмор, но наскоро стана јасно дека ситуацијата е сериозна во светски рамки и дека целиот нареден период ќе бара многу трпение и жртва. Се обидувам да најдам време за сè, на прво место ми е семејството. Откако сите ќе бидат „подмирени“ се наоѓа време и за вежбање, но и остварување на некои идеи за кои порано не сум имала време. Имено, за проширување на репертоарот, но и по некоја песна за своја душа. Се трудам да балансирам помеѓу песните за „Инфинитас“, но и репертоарот од класичната музика.

Освен во Националната опера и балет, каде може да ве чуеме во скоро време?

Ирис: За жал, ситуацијата во која се наоѓа Македонија е незавидна, и покрај сите мерки и ограничувања, сè уште секојдневно има и исто толку нови заболени од коронавирусот. Се надевам дека ќе научиме да бидеме повнимателни и повеќе да се чуваме, да бидеме сплотени едни со други, без разлика на било какви уверувања, за да можеме што поскоро да излеземе од оваа криза. Што се однесува до нашите следни настапи, ние со нетрпение ги очекуваме, и се надеваме дека одговорните ќе најдат побрзо решение за нашата струка која е и тесно врзана со угостителската.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот