Сан Франциско размислува да ѝ дозволи на полицијата да користи „робот-убиец“

Сан Франциско полиција САД/ Фото: Mark Sayer / Alamy / Alamy / Profimedia

Сан Франциско планира да им дозволи на своите полицајци да користат роботи кои би ги користеле за убивање, пренесуваат американските медиуми.

Градските власти во вторникот усвоија документ кој ќе и овозможи на полицијата да користи роботи способни да убиваат во исклучителни случаи – како терористички напади или масовни убиства, кои често се случуваат во САД.

Конечната одлука на градските власти се очекува на 6 декември, но случајот веќе предизвика дебата кај населението. Противниците на предлогот стравуваат дека доколку биде усвоен, тој може да доведе до зголемување на полициската бруталност.

„Употребата на роботи во потенцијално смртоносни ситуации е последно средство“, рече началникот на полицијата во Сан Франциско, Бил Скот.

„Живееме во време кога масовното насилство станува се позачестено. Потребна ни е оваа опција за да спасиме животи на луѓе доколку се случат вакви трагедии во нашиот град“, посочи тој.

Според началникот, само полицајци од повисок ранг ќе можат да даваат наредби за употреба на овој робот.

Полицијата во Сан Франциско веќе има различни роботи кои ги контролира од далечина и ги користи „за предупредувања за бомби, опасни материјали и други инциденти каде што полицајците треба да држат растојание“.

Иновацијата ќе им овозможи на роботите да се користат за поставување на експлозивно полнење „способно да оневозможи или дезориентира насилно вооружено или опасно осомничено лице кое се заканува да одземе човечки животи“, соопшти полицијата.

„Вака опремените роботи ќе се користат само за спас на невини луѓе“, уверуваат органите на редот.

„Ова е ужасна политика и сосема спротивно од тоа како полицијата треба да користи роботи“, одговори на Твитер Пол Шари, потпретседател на невладината организација Центарот за нова американска безбедност со седиште во Вашингтон.

Предноста на роботите е тоа што тие можат да создадат поголема дистанца помеѓу органите на прогонот и дадената закана, токму за нејзиниот извор да не треба да користи смртоносна сила. Полицајците можат да користат повеќе средства за да го неутрализираат напаѓачот без да го убијат – шок бомби, солзавци и слично, нагласи тој.

Видео на денот