Самостојната изложба „Пред будење“ на Јулија Манојлоска е поставена во КСП „Центар-Јадро“

Изложбата ќе биде отворена на 10 септември, во 20 часот, во КСП „Центар-Јадро“

Отворањето на четвртата самостојна изложба на Јулија Манојлоска, со наслов „Пред будење“, ќе се одржи на 10 септември, со почеток во 20 часот, во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје.

– Секој сегмент на просторната инсталација насловена „Пред будење“ претставува засебен елемент и дело само по себе. Сите форми кои лебдат се различни идентитети. Ако секаде наоколу постојат различни идентитети и ако ние самите понекогаш сме дел од нив, лебдењето на истите го ставаат уметникот во улога на лутање по есенција. Секоја црна пластична топка е геополитичка, социјална и културна криза која лебди во целосен комфор. Ако идентитетот како синоним значи еднаквост или истост, тогаш „кругот“ е кршлив.

Делото „Пред будење“ го претставува изминатиот периодот на колективното „спиење“. И така една црна линија која нацрта една овца еднаш кажа „Пролет е, преживеавме“. Делото како објект за првпат беше изложено на ХIV Меѓународно Биенале на млади уметници, во НУ Музеј на современата уметност, во 2023 година. На оваа самостојна изложба, делото и понатака го претставува изминатиот период, како период пред будење, период на лебдење на идентитетите, но овојпат во просторот на движење, каде нивното присуство почнува да и смета на публиката. Повторно го истражува волуменот, формата и бојата како обоеност и шаренило.

Инсталацијата, односно објектот е просекот на наталожените емоции, црното индиго на идентитети над нашите глави и некритичкиот поглед кон наметнатото – напиша Бојана Јанева, историчар на уметност.

Јулија Манојлоска e родена на 25.08.1993 година во Скопје. Во 2015 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класа на м-р Јован Шумковски.

По завршување на студиите активно се занимава со сликарство и инсталации во областа на современата ликовна уметност. Има учество на повеќе групни и самостојни изложби, како и во проекти од областа на визуелните уметности. Изложбата „Пред будење“ е поддржана од Министерството за култура на РС Македонија и КСП „Центар-Јадро“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот