Самостојна изложба во Прилеп: „Визии од детството“ на Горан Боев

Самостојната изложба на слики „Визии од детството“ на уметникот Горан Боев е поставена во ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Авторот се претставува со над 25 слики на кои се појавуваат различни фигури – мачка, куче, прозорец, цвеќе, дете.

– Тоа е портрет на едно минато време, портрет на моето детство. Што се однесува до техниката и ракописот, не се заложувам секоја слика да ми помине низ ист сликарски третман. Некогаш сликам со наслаги од боја, некогаш лазурно. Некогаш цртежот е изразен и експресивен, некогаш суптилен и геометриски. Некогаш е комбинација на сѐ во сѐ. Не се грижам премногу за стилот, но тоа не значи дека оставам сѐ на случајноста.

Една деценија се обидувам во сликарството да допрам до она што е суштинско, искрено, чисто, благопријатно и неосквернeто. Таа моја потрага ме наведе да се навратам во детските денови и да се обидам повторно да размислувам како дете. За жал, како созреваме, негативните искуства и примери на кои наидуваме, наместо да се поучиме од нив и ги отфрлиме како такви, ние ги прифаќаме со раширени раце и од нив правиме своевиден образец, упатство за понатаму. Со тоа предизвикуваме, како во секојдневниот живот, така и во уметноста, изместување на правилната перцепција на вистинските вредности, на вистинската убавина на нештата.

Но, тоа не е случај со детските очи и детскиот поглед на светот. Затоа во моето творештво посегнувам по мотиви од детството и се трудам да гледам како дете. Детето гледа многу појасно од возрасните, неговиот поглед не е заматен од секојдневни грижи и непреболена суета – објаснува Боев.

Горан Боев (1982, Кавадарци) дипломира и магистрира на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Извесно време работи во високо и средно образование, а во моментов е наставник по ликовно образование во основно училиште.

Се занимава и со црковен живопис и иконографија. Досега има реализирано повеќе од десетина изложби во земјата и учествувано на многу групни изложби во земјата и во странство.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 41, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 25-26 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот