Самостојна изложба на Мирослав Масин е поставена во галеријата „Ел Греко“

Најновиот проект на галеријата „Ел Греко“ е самостојната изложба на сликарот Мирослав Масин, која ќе биде отворена на 26 ноември, во 13 часот.

Мирослав Масин уметничката кариера ја започнува под влијание од експресионизмот на Петар Мазев, а под менторство на Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков, за кои иако различни во пристапот, вели дека биле одлична комбинација и рамнотежа на ред, конзистентност, слобода и ерудиција.

Уште од најраните уметнички инспирации ги следи анималните тематики, а пред сѐ птици, кои се провлекуваат низ целиот негов опус. Тие се мотив и за последната негова голема изложба во МАНУ, 2019 година, „Подобро на гранка, одошто заглавен во лифт“, придружена со слоганот „Ќе летаат пердуви“, а истите се актуелни и во неговиот последен циклус цртежи, кој рецентно се изложува во галеријата „Ел Греко“.

– Френетичниот и динамичен, но сигурен цртеж е постојано присутен во неговите дела како скелет, структура и база во неговите композиции. Вториот, мошне значаен елемент во неговото творештво е и заситената, интензивна и експресивна боја, која во овој циклус го нема приматот. Тука, таа е само монохроматски присутна, во еден тон, кој дава колористички акцент и симболична асоцијативност.

Најновиот циклус птици се одликува со едноставност, црно-бел цртеж, репетитивен систем на пристап кон темата, но различна „акција“ на линеарно обликуванaта птица. Трансформациите, асоцијациите и симболиката на ликовните елементи и концепцијата ја чинат композицијата во делата на Масин да биде динамична, концентрирана, надреална, експлозивна, забавна, потсмевлива, цинична. Овој пат внимавајте, не летаат пердуви, „паѓаат јајца на око“! – истакнува историчарката на уметност Ана Франговска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 156, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот