„Самоопределување“: Трамп ги рехабилитира српските воени злосторници

Фото: Facebook

Косовската опозициска партија „Движење самоопределување“ (ВВ) смета дека американскиот претседател Доналд Трамп, со неговата изјава дека постигнал мир меѓу Косово и Србија, кои „со години се убиваат меѓу себе”, ги рехабилитира оние кои извршија воени злосторства во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на партијата на доскорешниот премиер Албин Курти се вели дека е „погрешно да се верува оти војната во Косово е последица на вековната омраза меѓу Косово и Србија”.

– Со ваквиот рехабилитирачки пристап кон воените злосторници не се постигнува мир меѓу Косово и Србија, туку се продолжува замрзнатиот конфликт. Мирот се постигнува кога се осудуваат и разоружуваат виновниците и кога САД ја поддржуваат меѓународната правда и независноста на Косово, како што секогаш постапувале. Мирот ќе се постигне кога Србија ќе го признае независно Косово и ќе се соочи со сопственото минато. Не кога се рехабилитираат поранешните соработници на (Слободан) Милошевиќ кои извршија агресија и геноцид, се вели во реакцијата на ВВ.

Американскиот претседател Трамп вчера на предизборен собир во Северна Каролина изјави дека неговата администрација придонесе за потпишување на косовско-српскиот договор за економска стабилизација, го запре „масовното убивање меѓу Косово и Србија”.

– Тие со години се убиваат меѓу себе. Запрете ги убивањата момчиња, им реков, дајте да се обединиме, изјави Трамп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот