Самоопределување поднесе жалба до Врховниот суд за одлуката за бришење на гласовите од Србија

Косово избори 2021/ Фото: МИА

Партијата Движење Самоопределување (ВВ), која победи на вонредните парламентарни избори во Косово на 6 октомври, поднесе денеска жалба до косовскиот Врховен суд поради одлуката на Изборниот панел за поплаки и претставки (ПЗАП) за бришење од конечните изборни резултати на гласовите стасани од Србија, со што се поништува претходниот конечен резултат што на 7 овој месец го објави Централната изборна комисија (ЦИК).

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, претставникот на ВВ во ЦИК, Аднан Рустеми објави дека поплаки до највисоката судска инстанца поднеле тројца пратеници од неговата партија, кои останаа надвор од собраниските клупи по одлуката на ПЗАП.

Рустеми на својата страница на Фејсбук напиша дека ВВ според резултатите што на 7 октомври ги објави ЦИК освои 32 пратенички места и дека „толку му доделија граѓаните”.

– Кога му пропаднаа на ПЗАП сите обиди да ги поништи регуларните гласови на сограѓаните од иселеништвото, го одбра апсурдниот пат кој е спротивен и на неговите одлуки од оваа и од 2014 година, за да го поништат ефектот на гласовите од иселеништвото на тој начин што поништија толку гласови колку што им беа потребни за таа цел, напиша Рустеми.

Тој го обвини ПЗАП дека свесно манипулира со изборните резултати, а причината зошто го прави тоа е што „не може да ја прифати победата на ВВ и настојува на секој начин да му го намали бројот на пратеници”.

Поради тоа, тројцата кандидати на ВВ на кои со последната одлука им се негира пратеничкиот мандат поднесоа жалба до Врховниот суд.

Според конечните резултати што на 7 ноември ги објави ЦИК, ВВ освои 32 пратенички места, меѓутоа по усвојувањето на барањето на коалицијата Социјалдемократска иницијатива (Нисма) – Алијанса ново Косово (АКР) за бришење на гласовите од Србија, бројот на пратеници на ВВ во идното Собрание се намалува за три. Тоа од причина што коалицијата Нисма – АКР со одлуката на ПЗАП го премина прагот од пет отсто освоени гласови за влез во Собранието и ќе има шест пратенички места. Според претходните резултати, таа коалиција имаше 4,98 отсто од гласовите, со што остана надвор од Парламентот.

Сега, според одлуката на ПЗАП, доколку таа остане во сила, покрај ВВ која ќе биде намалена за три пратенички мандати, по еден пратеник помалку ќе имаат и Демократскиот сојуз на Косово ЛДК) – 28 наместо првичните 29, Демократската партија на Косово – имаше 25, сега останува со 24 – и Алијансата за Иднината на Косово (ААК), која наместо 14, сега ќе има 13 пратеници.

Освен поништувањето на гласовите од Србија, ПЗАП му наложи на ЦИК пребројување на гласовите во 1.472 гласачки места, што е повеќе од половина од вкупниот број гласачки места во цело Косово.

По одлуката на ПЗАП, ЦИК објави дека ќе чека да завршат законските рокови за поплаки до Врховен суд и дури потоа ќе презема дејствија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот