Само три клуба се опција за Халанд, меѓу нив не е Јунајтед

Ерлинг Халанд ќе ги брани боите на Манчестер сити/ фото: EPA-EFE/FRIEDEMANN VOGEL

Весникот „Билд“ тврди дека друг англиски тим е фаворит за потписот со одличниот напаѓач на Борусија Дортмунд.

Во Германија сè уште актуелна тема е судбината на Ерлинг Халанд иако директорот на Борусија Дортмунд, Михаел Цорк, тврди дека Норвежанецот останува на „Сигнал Идуна парк“.
Но, доколку пристигне примамлива понуда, од најмалку 100 милиони евра, весникот „Билд“ пишува дека тогаш Халанд ќе биде продаден.

Агентот на фудбалерот, Мино Рајола неодамна изјави дека неговиот клиент може да си го дозволат само десет клуба, но Халанд би сакал да игра во само три од нив.

Интересно е тоа што тимот кој минатото лето се поврзуваше со трансфер, Манчестер јунајтед, не е меѓу трите клуба иако менаџерот Оле Гунар Солскјер има одлични односи со фудбалерот и неговиот татко, како и Челси чиј сопственик Роман Абрамович може да издвои пари колку што Дортмунд ќе побара.
„Билд“ тврди дека главен фаворит за потпис со Ерлинг Халанд е Манчестер сити. Таткото на напаѓачот, Алф-Инге Халанд го носеше дресот на „граѓаните“ кои сакаат токму Ерлинг да биде наследникот на Серхио Агуеро кој пак на лето си заминува.
Иако односите меѓу Мино Рајола и Пеп Гвардиола не се добри, весникот тврди дека Алф-Инге Халанд може да го има клучниот збор во евентуалниот трансфер. Се споменува сума од осум милиони евра провизија за таткото како и 15 милиони евра кои треба да му припаднат на Рајола, а засега Манчестер сити е подготвен да ја плати оваа сума.

Втората опција за Халанд е Реал Мадрид, но проблем претставуваат финансиите кои „кралскиот“ клуб засега ги нема. Претседателот на Реал, Флорентиро Перез, размислува во летниот преоден рок да тргне со сите сили по потписот со Килијан Мбапе и доколку се реализира тој трансфер, тогаш нема да има пари за ангажман на Халанд.
Третата и најмалку веројатна опција за одличниот напаѓач е Барселона. Доколку Жоан Лапорта победи на претседателските избори тогаш ќе се обиде да ги искористи добрите односи со Рајола кој треба да го убеди својот фудбалер да остане уште една сезона во Борусија Дортмунд и во 2022 година да се обиде да го реализира трансферот.

Но, Манчестер сити е подготвен да плати 100 милиони евра уште ова лето и да ја плати провозијата за Рајола и таткото Алф-Инге, што го прави главен фаворит за потпис со норвешкиот репрезентативец.

Токму поради тоа „Билд“ тврди дека ова лето пред Халанд се само две можности, или ќе се пресели во Манчестер сити или ќе остане уште една сезона во Борусија Дортмунд по што во 2022 година во игра би биле и шпанските гиганти за кои фудбалерот би сакал да игра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот