Само со Заев започнатото може да заврши со среќен крај

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Во овие нецели четири години, мене устата пена ми фати: Заев има храброст и карактер да подвлече црта меѓу напредокот и регресот; да подвлече црта меѓу надежта и резигнацијата; да подвлече црта меѓу европеизацијата и балканизацијата.

Силната прошетка на Зоран Заев низ Европа е премногу важна за сите нас: потенцирањето дека го решивме договорот од Преспа со Грција, а притоа на достоинствен начин го заштитивме националниот, културниот и јазичниот идентитет, па следствено на тоа обезбедивме и членство во НАТО, како и безусловен старт на преговорите со ЕУ, претставува огромен капитал за нашата земја.

Во таа смисла, Заев и Северна Македонија покажуваат дека знаат да направат избор. Се определивме за демократија и реформи, така што тоа претставува единствениот пат за наше потполно зачленување во Европската Унија. Ваквото денешно наследство мора да го зачуваме, па гледам дека со таквиот капитал Заев влегува на оваа турнеа со јасно дефинирани национални интереси: да ги убеди лидерите дека ние сме доследни на вредностите на Европската Унија.

Премиерот Заев заедно со заменик претседателот на Владата, Никола Димитров, одат на Европска работна агенда: Брисел – Мадрид – Атина. И тука нема што да се замери или критикува. Прво, затоа што мора да се уважат неуморните напори на Владата за демократски развој и меѓународна афирмација на земјата. Од киднапирана држава, со речиси никакви пријателства меѓу соседите, денес С. Македонија е прогласена за држава која буди надеж не само во регионот, туку и во самата ЕУ.

Не смееме никогаш да заборавиме дека Заев е спремен на соработка и продлабочување на добрососедските односи со сите соседи, а тоа е најголемиот и најважниот предуслов на патот кон Европа. Со ваквата политика добиваат и Македонците и Албанците, и сите други етнички заедници во земјава.

Зошто инсистирам во текстот дека за нас најважни се добрососедството и пријателството? Затоа што овој балкански регион е познат по тоа што реалноста во него е деструктивна, бидејќи ние сè уште живееме на просторите (или рушевините) од поранешна Југославија. Оттука, дури и во некоја смисла, Зоран Заев би можеле да го дефинираме и како некомунистички премиер на С. Македонија, па во таа смисла и многу западни медиуми го дефинираат и како исклучително талентиран политичар со модерни сфаќања и демократско-либерални визии. Со еден збор, претставник на онаа европска Македонија која работи на поправање на штетите пред да се врати на своето базично и природно место; денес земјата е вклучена во светските текови од кои беше надвор повеќе од една деценија.

Ги гледаме денес изјавите на важни Европски претставници од типот на Дејвид Сасоли, претседателот на Европскиот парламент, или, пак, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и други важни играчи задолжени за проширување на Западен Балкан. Дури и јас имам свои информации од Брисел – интернетот чуда прави – за Заев вака велат тамошните новинари: лидер со прониклива интелегенција, неверојатно снаоѓање во просторот и времето, во себе има одличен начин на комуникација, поседува лична харизма и непресушна енергија. „Македонец и европеец“, така го нарекуваат моите пријатели-новинари од Брисел.

Знаете што. Во овие нецели четири години, мене устата пена ми фати: Заев има храброст и карактер да подвлече црта меѓу напредокот и регресот; да подвлече црта меѓу надежта и резигнацијата; да подвлече црта меѓу европеизацијата и балканизацијата.

Од друга страна, Европа мора да си ја преиспита својата политика кога се работи за Северна Македонија. Треба да покаже поголем степен на разбирање за приликите во неа, пред сè поради тешкото наследство од Никола Груевски, неговата деспотија и насилство. Ние го победивме тиранинот и не сакаме да бидеме повторно жртва на истите процеси од минатото.Oфицијален Брисел мора да разбере дека епигоните на Груевски се сè уште живи и ни дишат во врат. А се знае што ќе биде ако повторно зајакнат и дојдат на власт: ќе биде пекол и општа калакурница, буквално. Ние до себе мора да ги имаме eвропските сили кои на Заев ќе му помогнат на неговиот тежок пат кон демократизација, а не да нè изложуваат на перманентни притисоци и условувања.

Искрено верувам дека на овие средби на Заев и Димитров со претставниците на Брисел, Мадрид, Атина меѓународната заедница ќе покаже повеќе разбирање, а и дека ќе стигне поголема финансиска помош. Не е тајна, а тоа го покажуваат релевантни анкети, повеќе од 70 отсто од граѓаните го поддржуваат патот на Северна Македонија кон Европа. И поради тоа, но и поради нашето минато, ние сме некако чудно „навикнати“ да живееме во кризни и стресни ситуации. На Балканот тешко се води проевропска и проактивна политика, поради стереотипите кои провејуваат. Со тие стереотипи најлесно се објаснуваат сложени ситуации кои во суштина не можат да се објаснат. Стојат како закоравени мислења, кои всушност не се ништо друго освен скаменети догми кои чекаат да бидат растурени.

На чекор сме да направиме многу паментни и важни работи: не смееме да ги испуштаме нашите луѓе безмилосно да пропаѓаат – и со европска интервенција да го решиме билатерланиот спор со Бугарите. Покажавме со Грците дека можеме, мислам дека можеме и со Бугарите. Европа не смее да се откаже од Северна Македонија, а тоа значи дека меѓународната заедница треба да ја преиспита својата политика кон нас – треба да ни помогне. Доколку пораката на Заев ја примат сите важни луѓе и лидери во Европа, верувам дека постои надеж започнатата европеизација да заврши со среќен крај, така што Северена Македонија ќе влезе во Европска Унија.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот