
Само што отплативме една еврообврзница, по друга потрчавме
Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека се очекува каматните стапки за еврообврзницата да бидат поповолни од оние што сме ги имале во 2024 година, што е позитивен сигнал за задолжувањето преку еврообврзници
Над 8,8 милијарди евра е јавниот долг на Македонија заклучно со третиот квартал од годинава, покажуваат податоците од Министерството за финансии. Тоа е 56,9 проценти од бруто-домашниот производ. Но, во согласност со проекциите, во 2025 година ќе достигне дури 65,2 проценти!
Препорачано
Во практика, буџетот на државата постојано преживува со крпење, се земаат кредити за да се исплатат стари кредити, но се земаат и дополнителни износи за пополнување на буџетскиот дефицит.
Завчера државата ја отплати еврообврзницата земена во 2018 година, со кредит од 500 милиони евра што ги зема од Унгарската приватна експорт-импорт банка, а според изјавата на министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска во рамките на форумот на Централна и Источна Европа во Виена, Македонија се подготвува годинава да издаде нова еврообврзница.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека се очекува каматните стапки за еврообврзницата да бидат поповолни од оние што сме ги имале во 2024 година.
– Во моментов, условите на европските финансиски пазари се мешани. Од една страна, проектираниот раст на економијата во Еврозоната од 1 процент за 2025 година е скромен и поскромен од претходните очекувања. Да забележиме дека кај цените на енергијата сè уште има одредена упорност, иако севкупните инфлациски притисоци олабавија. Сентиментот на инвеститорите моментално е претпазлив. Од друга страна, ЕЦБ го започна циклусот на намалување на каматните стапки. Така, сегашната стапка на главните операции на рефинансирање од 3,15 проценти се очекува да продолжи да се намалува. Моменталните пазарни очекувања се дека таа би се симнала за околу 100 базни поени до средината на оваа година. Значи, стриктно зборувајќи за каматните стапки, очекувањата се дека состојбите ќе бидат поповолни во текот на оваа 2025 година, споредено со претходната, што е позитивен сигнал за задолжувањето преку еврообврзници – изјави Петрески за „Слободен печат“.
Сепак, тој потенцира дека покрај постојните ризици што ги напомена, цената на задолжувањето ќе зависи и од тоа како инвеститорите гледаат на земјата позајмувач, рефлектирано низ индикатори како кредитниот рејтинг и фискалната политика.
Еврообврзниците веќе станаа наша редовна практика и износите што треба да се вратат, секоја година тропаат на врата. Во 2026 година треба да врати 700 милиони евра за еврообврзницата од 2020 година, во 2027 година 500 милиони евра за еврообврзницата издадена во 2023 година и 700 милиони евра што достасуваат во 2028 година како резултата на издадената еврообврзница во 2021 година. Или во наредните 3 години, само врз основа на еврообврзници треба да вратиме 1,9 милијарди евра.
Во Буџетот за 2025 година ни фалат 1,7 милијарди евра, што мора да ги позајмиме. Буџетскиот дефицит е проектиран на околу 670 милиони евра. Надворешните задолжувања кои стигаат за наплата се 801,6 милиони евра, а отплатата на домашниот долг треба да изнесува 274,8 милиони евра.
Овие три ставки ќе се затвораат со домашно и странско задолжување, и тие веќе се во тек.
Предвидено ниво на домашно задолжување е 874,8 милиони евра, а ќе се обезбеди преку државните хартии од вредност, а во опција е и друг вид на домашен заем. Во однос на странското задолжување, главен играч е билатералниот унгарски кредит, кој и за 2025 година е 500 милиони евра. Ново задолжување преку еврообврзница, во Буџетот за 2025 година не се споменува. Таму пишува:
„Задолжувањето во странство ќе се реализира преку повлекување средства од прва транша од заем од ЕУ за макрофинансиска поддршка во износ од 50 милиони евра, билатерален заем во износ од 500 милиони евра, како и преку повлекување средства од други кредитни линии од странски финансиски институции наменети за финансирање одделни проекти и/или буџетски дефицит“.
На домашниот пазар ново задолжување од 40 милиони евра
На домашниот пазар редовно се издаваат државни хартии од вредност за да се вратат парите што доспеваат. За вчера, беше закажана аукција на 12-месечни државни записи без девизна клаузула во висина од 2,5 милијарди денари (околу 40 милиони евра). Денеска, пак, достасува за наплата нешто над 2,3 милијарди евра, што значи дека со нов долг се крпи стариот, но има и малку новододадено задолжување.
Со аукциите на државите хартии од вредност, пари се позајмуваат од банки, осигурителни друштва и од пензиски фондови.