Кој има право да одлучи кој ќе биде Реис’ул-Улема?

Вонредна седница на Ријасетот на ИВЗ

По распадот на поранешна Југославија и по осамостојувањето на Македонија, Исламската верска заедница дејствува како независна верска заедница во Македонија, со седиште во Скопје, и претставува заедница на населението со исламска вероисповед.

Исламската верска заедница е самостојна организација со структура со Џематски одбор, Муфтиство во земјата и во странство, Собрание на муфтиството, Ријасет на ИВЗ, Реис’ул-Улема, Собрание на ИВЗ и Уставен совет.

Ријасетот на ИВЗ, како главен орган на заедницата, одлучува за исламските прашања во земјата и е составен од: Реис’ул-Улема, Генералниот секретар не ИВЗ, муфтиите, директорите и деканите на образовните институции во рамки на ИВЗ, претседателите на здруженијата на ИВЗ и двајца членови избрани од страна на Реисот.

Само Ријасетот на ИВЗ има право да предложи и избере кој ќе биде Реис’ул-Улема, и само Ријасетот има право на разрешување на Реисот согласно правилата за избор на Реис’ул-Улема кој предвидува дека за Реис на ИВЗ може да се предложат лицата коишто имаат завршено некој од исламските факултети со најмалку десетгодишно работно искуство во ИВЗ, и кои имаат повеќе од 40 години.

Седниците на Ријасетот ги свикува и ги води Реисот, додека во посебни ситуации, Реисот може да свика вонредна седница со барање на 1/3 од членовите на Ријасетот, како што беше случајот минатата ноќ кога Ријасетот одржи вонредна седница во факултетот за Исламски науки.

Синоќа, Скендер Бузаку, со судска одлука, влезе во просториите на Исламската верска заедница тврдејќи дека тој е новиот Реис’Ул-Улема. Во судската одлука се тврди дека барателот за разрешување на Сулејман Реџепи од неговата функција и неговото превземање на функцијата, Скендер Бузаку, има приложено докази од, наводно, вонредната седница на Ријасетот одржана на 30.03.2019, на којашто Бузаку е прогласен за нов поглавар на ИВЗ.

Кратко време после тоа, Муамер Весели, од седиштето на ИВЗ, изјави дека Сулејман Реџепи е легален поглавар на ИВЗ и дека ИВЗ е самостојна и автономна институција која сама ги носи своите одлуки и сама го бира своето раководство, и дека ниедна друга институција нема право да одлучува за внатрешните работи на ИВЗ.

По изјавата на Весели, следеше вонредна седница на Ријасетот на ИВЗ, којашто се одржа во просториите на Факултетот за исламски науки со сите членови на Ријасетот заедно со поглаварот Сулејман Реџепи.

По завршувањето на вонредната седницата, Сулејман Реџепи во своето обраќање ја обвини владата за вчерашните случувања и рече дека ИВЗ веќе не е на иста страна со актуелната власт на Македонија.

Сулејман Реџепи ги потврди зборовите на Весели, кој нагласи дека ИВЗ е автономна и самостојна институција која сама ги донесува своите одлуки и дека не ја прифаќаат судската одлука.

Со оглед на тоа дека сите членови и претставници на Ријасетот на ИВЗ беа присутни на синоќешната вонредна седница подржувајќи го актуелниот Реис, Сулејман Реџепи, останува да се види за какви докази и за кој Ријасет конкретно станува збор во судската одлука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот