Само образованието може да ја намали сиромаштијата кај Ромите, запишете ги децата на училиште

Во значителен пораст е бројот на деца од ромска националност кои не посетуваат основно и средно образование. Овие податоци доаѓаат од анализите направени во последниве две години од страна на граѓанскиот сектор, иако не може да се зборува за конкретни бројки бидејќи истите се многу динамични и постојано се зголемуваат.

Се обидов да добијам одговори, зошто и покрај задолжителното образование за деветолетка и средно образование, децата, во најголем број, наместо во училишни клупи се наоѓаат на улица. Каде е во приказнава Просветниот инспекторат, кој со изрекување на предвидените казни ќе ги присили несовесните и неодговорни родители да не ги злоупотребуваат децата, туку да ги вратат во училиштата.

– Деца на улица нема да има, тогаш кога институциите на државата ќе почнат да ги спроведуваат и почитуваат донесените закони, согласни се активистите за права на Ромите.

Во разговор со претставници од невладини организиации и здруженија на кои во фокусот им е токму оваа тема, добив впечаток дека сиромаштијата, пред се кај многудетните семејства, е причина број еден за отсуство од образовниот процес.

„Нема дете што не сака да оди на школо, ама нема ни мајка што не сака да го пушти да учи. Ако не сме ги пуштиле децата на школо, значи не сме можеле, зашто немаме пари“, ми рече една млада Ромка, со која разговарав при мојата посета на Шуто Оризари.

Но, тоа е само изговор. Сиромаштијата, иако реална и тешка, не смее да биде изговор и причина за создавање идни генерации кои многу веројатно е дека ќе останат сиромашни, доколку не стекнат образованние. Има една изрека која вели „Ако сакаш, ќе најдеш начин, ако не сакаш, ќе најдеш изговор“.

Таков е случајот со родителите на децата исклучени од настава. Не смееме да веруваме на нивните одговори, бидејќи граѓанските организации ги мотивираат децата Роми со обезбедување на училишен материјал и ранци. Средношколците добиваат стипендии, родителите се вклучени во одредени работилници со акцент ставен за важноста на образование на нивните деца.

Сиромаштијата која во значителен процент е застапена кај ромското население може да се искорени само доколку родителите веќе од следната учебна година, ги запишат децата во училиште. Само образованието дава можност за удобен живот, далеку од сиромаштија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот