Само на Фејсбук не се знае ни кој нарачува ни кој плаќа – Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеМакедонија

Само на Фејсбук не се знае ни кој нарачува ни кој плаќа

Главниот проблем е тоа што никој во земјава не може да изврши контрола за тоа кој ги нарачува политичките реклами на социјалните мрежи, нешто што е одамна решено со традиционалните медиуми, велат експертите.

Рекламирањето на социјалните мрежи и овој пат ќе претставува главното оружје на политичките партии во пресрет на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април следната година. Ова го тврдат експертите за медиуми и објаснуваат дека главната причина поради која што партиите ги ставаат социјалните мрежи во преден план е само затоа што на тој начин ја губат обврската во своите финансиски извештаи да ги вметнат и парите потрошени за рекламирање, односно за „спонзорирање“ информации на Фејсбук, Твитер или на Инстаграм.

Во извештаите што партиите редовно ги поднесуваат до Државната изборна комисија (ДИК) може да се види колку точно пари потрошиле за реклами на телевизија, во весник, на радио или на интернет порталите, но во тие извештаи не може да се прочита ниту збор за тоа колку пари биле потрошени на социјалните мрежи, ниту, пак, кој ги плаќа тие пари и преку која сметка се исплаќаат.

Главниот проблем, велат експертите, е тоа што никој во земјава не може да изврши контрола за тоа кој ги нарачува политичките реклами на Фејсбук, нешто што е одамна решено во поглед на рекламирањето на традиционалните медиуми.

Аналитичарот Синиша Пекевски вели дека за да се пронајде решение за овој проблем, политичките партии ќе треба да почнат да вршат контрола врз себеси. Но, такво нешто, додава тој, никогаш нема да се случи.

– Кој е тој што би излегол и би кажувал како е? Кога треба нешто да си поделат и да земат пари од граѓаните, тогаш партиите многу лесно се договараат. А исто така, ако треба нешто да не се промени и да се забошоти, тогаш тие повторно имаат премолчена согласност во насока на тоа дека нема кој да ги контролира. Во суштина, сите институции во земјава се прогласуваат за ненадлежни само затоа што самите партии не сакаат овој проблем да се реши. Во моментов тие не смеат да плаќаат реклами затоа што предизборната кампања официјално не е почната, но сепак тие го прават тоа како да се работи за нормални партиски активности. Овде апсолутно не владее правото и јас не гледам некој што би можел да ги поправи работите и да им покаже заби на партиите – објаснува Пекевски.

Политикологот Владимир Божиновски во изјава за Радио Слободна Европа вели дека светските искуства покажале оти влијанието на политичките кампањи на социјалните мрежи е огромно, а во некои случаи дури и пресудно.

– За македонски услови, какво е и колкаво е влијанието на социјалните мрежи, може да се види преку одредени посредни податоци. На пример, од каде граѓаните ги добиваат вестите за политика и од каде се информираат. Околу 15 проценти од граѓаните, според повеќе истражувања, главниот начин или главниот медиум преку кој ги добиваат информациите се социјалните мрежи.

Тоа е многу поголем процент во споредба со радиото или весниците, но се разбира сè уште е далеку зад телевизиите, барем кај нас – објаснува Божиновски.

И експертот за антикорупција Вања Михајлова потврдува дека социјалните мрежи тешко може да се контролираат, но дека сепак може да се изврши барем одредено влијание.

– Точно е дека социјалните мрежи се еден вид сива зона, но сметам дека еснафските здруженија треба да преземат некакви мерки. Тука треба да помогнат Здружението на новинари и Агенцијата за медиуми, бидејќи социјалните мрежи се многу тешки за контролирање – вели Михајлова.

Уште поголем проблем, додаваат упатените, е тоа што постои огромен број партиски „ботови“ и фејсбук-страници што не се формално поврзани со партиите, а сепак шират лажни вести и создаваат паника кај населението. На тој начин, објаснуваат експертите, партиите се заштитени, бидејќи страниците што ги шират ваквите вести не се никако поврзани со нив, а сепак пласираат вести што не мора да се точни, но кои им одат во прилог.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close