Само на Али Ахмети му одговара уценет премиер, вели Мицкоски

ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ (2)
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: Слободен печат - Ристо Пејовски

Единствен на којшто можеби му одговара влада со слаб и уценет премиер и со неколку политички партии внатре е Али Ахмети, изјави лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Гласот на Америка.

На прашањето каде е сега фокусот на опозицијата откако не успеа да ѝ изгласа недоверба на Владата на Заев, Мицкоски вели дека покрај силна и конструктивна опозиција, потребна е силна и конструктивна власт. Според него, епизодата со седницата на која требаше да се гласа за доверба на владата е „класичен пример на неконструктивна власт и можеби единствен во светот“.

„Јас не можам да се сетам на друг пример каде што власта сама се бојкотира. Замислете ако вака опозицијата или власта во Конгресот или Сенатот се бојкотираат меѓусебе заради тоа што некои политики на едната или другата не им се допаѓаат или за барање доверба како што беше во случајот. Навистина ова за мене беше шокантно и уште сум вчудоневиден од односот на власта, која што уште еднаш покажа дека е сѐ само не конструктивна. Ние како опозиција продолжуваме да ги користиме сите демократски мерки и алатки кои што ни стојат на располагање. Истовремено, во најголем дел од општините во Македонија или имаме градоначалници и мнозинство во Советот, или пак сме дел од тие мнозинства. Ќе се обидеме да покажаме на граѓаните и со дело и во пракса како е кога ВМРО-ДПМНЕ работи, како е кога го исполнува ветеното. И она што е многу важно е да работиме чесно, бидејќи нема време и можности за дополнителни импровизации. Триесет години народот е поделен. Време е да почнат промените, време е да создаваме нова иднина и она кое што го ветуваме заедно со заедничкиот патриотизам. Така што добрите времиња за граѓаните на Македонија допрва следуваат и не треба да се обесхрабруваат. Ние се обврзавме и ветивме напорна, чесна и посветена работа, и така и ќе продолжиме,“ вели Мицкоски.

Според него, одлуката за тоа дали му дошол крајот на актуелниот опозицискиот блок, а со тоа и крај на најавите за предвремено рушење на власта, е на Алтернатива.

„Ако тие ценат дека е таму иднината на нивната партија, тогаш тие си имаат раководство, органи, имаат поддржувачи и претпоставувам имаат и аргументи зошто тоа би го направиле или не би го направиле. Она што јас сакам да го кажам и што е вредно да се спомене е дека единствен на кој што можеби му одговара таква влада со слаб премиер и уценет премиер, и со неколку политички партии внатре е Али Ахмети и ДУИ. И ова недвојбено го потврдува фактот на нивната заложба за време на претходните предвремени парламентарни избори за премиер да дојде на предлог на ДУИ. Можеби ДУИ во случајот не го дава мандатарот. Сепак, формално тоа ќе го даде СДСМ и се` уште Зоран Заев. Но, суштината и вистината, односно праксата покажува дека оваа влада е влада на ДУИ. И затоа велам дека ваквиот развој на настаните и она што претходеше на овој развој на настаните му одговара исклучиво на еден човек, а тоа е Али Ахмети и ДУИ, а не одговара на големо мнозинство на македонски граѓани, кои што не се согласуват со политиките на Али Ахмети и ДУИ, посебно во делот на борбата против корупцијата и криминалот, кои што морам да признаам дека во нивните редови се раширени“, вели Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот