Само Киев знае зошто украински тенкови продираат кон Курск

Украински артилерци на позиција на фронтот во Доњецк - Фотографија Profimedia

Не знам кој е планот на овој продор, но ова треба да им покаже на Европејците и на Американците дека Русија може и треба да биде нападната, забележува украинскиот пратеник Олексиј Хончаренко

Рускиот регион Курск прогласи вонредна состојба, за претседателот Владимир Путин тоа е „голема провокација“, збунетиот Вашингтон побара објаснувања од Киев, но никој до вчера немаше прецизен одговор на прашањето зошто украинска копнена единица упорно продира на руска територија.

Пешадија поддржана со десетина тенкови и двојно повеќе борбени возила пред неколку денови премина на руска територија во правец на Курск и веќе продре повеќе од десет километри преку границата, сѐ до главниот гасоводен јазол во Суџа, притоа пробивајќи две одбранбени линии и едно погранично упориште.

Одбранбените експерти се согласуваат дека ова е операција на редовните украински сили, а не на руски партизани или проукраински опозициски групи, кои во изминатите две години неколку пати спроведоа слични упади со ограничено дејство.

Шефот на Генералштабот на руските воени сили Валериј Герасимов изјави дека во акцијата се вклучени близу 1.000 украински војници. Руски воени блогери потврдија дека ударната група стигнала до Суџа, каде што е јазолот за дистрибуција на гас и каде што се последните вентили на гасоводот што води до Европа преку Украина. Евакуирани се цивили од двете страни на границата – и од Курск на руската и од областа Суми на украинската страна.

Голема провокација, уште поголема енигма

Претседателот Путин во средата ја оцени акцијата како „голема провокација“ и дека „непријателските сили гаѓаат во цивилни и станбени објекти“. Министерството за одбрана во Москва првично објави дека „нападот бил одбиен“. И генералот Герасимов изјави дека „нападот е запрен“ и дека руските сили „продолжуваат да ги уништуваат непријателите во пограничните региони“, при што „убиле 100 луѓе и раниле уште 215“.

Но, ова го демантираат сателитски снимки и извештаи од теренот. Регионалниот гувернер Алексеј Смирнов прогласи вонредна состојба.

– Оперативната ситуација и понатаму е тешка во пограничните области. За да ги елиминирам последиците од влегувањето на непријателските сили, решив да прогласам вонредна состојба – порача гувернерот Смирнов.

Блогерот Јури Котенок јави за „жестоки битки кај Суџа и Коренево“, а порталот Рибар тврди дека „ситуацијата продолжува да се влошува“ и дека „украинските сили напредуваат кон Суџа“.

Американската аналитички Институт за воени проучувања (ИСВ) потврди дека украинската ударна група пробила две одбранбени линии и дека веќе има воени заробеници.

– Извори на теренот и од други места во Русија укажуваат дека украинските сили по пресметка ја презеле контролата врз одбранбениот пункт Суџа, како и врз тамошната станица за дистрибуција на гас – објави ИСВ.

Белата куќа објави дека од украинските власти бара одговор на прашањето кои се целите на големиот упад на руска територија.

– Вашингтон ги поддржува разумните акции на Украина со цел да ги запрат нападите од руските сили. Контактираме со украинската војска за да дознаеме кои им се целите – изјави Карин Жан Пјер, претставничка на Белата куќа.

Претставникот на Стејд департментот Метју Милер ги отфрли критиките од Москва.

– Да се нарече ова „провокација“ е малку претерано, ако се има предвид дека Русија ги наруши територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина – изјави Милер, но ни тој не кажа која е целта на украинската операција.

Битка за позиции пред изборите во САД?

Руската национална гарда објави дека е засилена одбраната на нуклеарната централа Курск, која е 70 километри подлабоко на територијата на Русија. Во соседниот регион Белгород гувернерот Вјачеслав Гладков објави тревога за можни напади со проектили.

Руски проектили „искендар М“ бијат украински оклопни возила кај Курск – Фотографија Profimedia

Единственото неофицијално објаснување од Киев го даде пратеникот Олексиј Хончаренко, кој на својот профил на социјалните мрежи потврди дека украинските сили ги контролираат вентилите на гасоводниот јазол во Суџа.

– Не знам кој е планот на овој продор, но ова треба да им покаже на Европејците и на Американците дека Русија може и треба да биде нападната – забележал Хончаренко.

Украинскиот полковник Владислав Селезњов оцени дека нападот е „превентивен“ бидејќи кон границата се приближиле 75.000 руски војници. Едно од можните објаснувања е дека Украина настојува да заземе подобри позиции за да спречи упад на руски трупи кон Суми, како што во мај упаднаа во регионот на Харков.

Други експерти тврдат дека нападот е спроведен поради загриженоста на Киев дека би можеле да останат без поддршката од САД, ако републиканецот Доналд Трамп се врати во Белата куќа по изборите во ноември. Трамп во кампањата тврди дека „кога ќе стане претседател брзо ќе ѝ стави крај на војната во Украина“.

Продорот секако е поврзан и со стратегиската важност на енергетскиот јазол во Суџа. Овој јазол е клучен за гасоводот Уренгој-Помари-Ужгород, низ кој во 2023 година поминаа 14,65 милијарди кубни метри гас, половина од вкупното количество што од Русија е извезено во Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот