Само еден вид маска навистина штити од коронавирусот, покажа ново германско истражување

Според новите правила во Романија, платнените маски се забранети, Фото: pixabay

Според нова студија на германскиот Институт „Макс Планк“, само еден вид заштитна маска нуди речиси непробојна заштита од заразување со коронавирусот, а тоа се маските од типот ФФП2 (во различни делови од светот познати и како Н95, КН95 или П2).

Овие маски нудат висок степен на заштита од инфекција со вирусот, под услов да се носат правилно, велат научниците кои ја спроведоа студијата.

„Ако едно заразено и едно здраво лице се сретнат во затворен простор и на мала оддалеченост, шансата за пренесување на инфекцијата, дури и по 20 минути, е само 0,1 отсто или еден промил“, се вели во резултатите на итражувањето на институтот за динамика и организација во германскиот град Гетинген.

Услов за овој висок степен на заштита е правилното поставување на маската, посебно делот на врвот од носот, кој мора да биде добро зацврстен, се наведува во студијата, објавена во научното списание „Proceedings“ на Американската академија на науки. Неправилното носење на маската го зголемува ризикот од заразување на околу четири отсто.

„Шансата за инфекција во реалниот живот е десет до стопати помала, но ние ги создадовме најнеповолните услови кога е во прашање заштитата“, вели еден од раководителите на истражувањето, Еберхард Боденшац.

Наспроти ова, средба на двајца луѓе без маски, од кои едниот е заразен, веројатно ќе резултира со инфекција на здравиот човек, велат научниците.

„Во овој случај, најверојатно ќе се зарази здравото лице кое стои на оддалеченост од три метри од заразеното лице и вдишува воздух од заразеното лице неколку минути“, изјави Боденшац.

Оттаму, се смета дека носењето маски и натаму е многу добро средство за спречување на ширењето на коронавирусот, заклучуваат германските научници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот