Само двајца кандидати во трката за Кавадарци: Граѓаните ќе бираат меѓу актуелниот градоначалник Митко Јанчев и инжинерот Горан Тодоров

Кавадарци / Фото: Фесјбук - Општина Кавадарци

Од 13-те поднесени советнички листи, пет се независни чии носители се Петар Камчевски, Ристо Сакалиев, Марјанчо Арангелов, Јован Златевски и Митко Камчев.

Двајца кандидати за иден градоначалник и тринаесет листи за Советот ќе се натпреваруват на овие локални избори во општина Кавадарци. Довербата на кавадарчани за прв човек на градот ќе ја бараат актуелниот градоначалник Митко Јанчев, кандидат на ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ и Горан Тодоров, дипломиран инжинер по индустриска логистика, од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ.

Од 13-те поднесени советнички листи, пет се независни чии носители се Петар Камчевски, Ристо Сакалиев, Марјанчо Арангелов, Јован Златевски и Митко Камчев. Носител на советничката листа на СДСМ и коалицијата е д-р Диме Коцев, а на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, д-р Стојанчо Рамов. Советничката листа на Левица ја предводи Круме Богевски, на „Твоја партија“ – Ристо Ставров. Здравко Бошков е носител на советничката листа на ТМРО, Развигор Кабранов е предводник на советничката листа на движењето „Одлучно за промени“, Гоце Јанков на Единствена Македонија и Златко Камчев на Интегра.

Актуелниот градоначалник на Кавадрци, Митко Јанчев, вели дека во неговиот досегашен мандат го развил Кавадарци во европски град.

–  Денес граѓаните на оваа општина живеат во поубав и помодерен град, во град кој е безбеден за нас и нашите деца. Во изминативе четири години реализиравме огромен број проекти од кои дел беа содржани во нашата програма, но дел беа и предлози од граѓаните. Посебно сум задоволен од успешната реализација на проектите „Мој општинар“, Зелен пазар, Градски парк, изградба на спортската сала „Страшо Пинџур“, огромниот број асфалтирани улици, реконструкција на сите три влеза во градот, велосипедската патека на Моклиште, реконструкција на кејот и уште многу други, истакна Јанчев пред граѓаните брајаќи поддршка за уште еден мандат.

Тој за следните четири години најавува нови 180 проекти.

– Програмата со која повторно ја барам довербата од граѓаните на Кавадарци е развојна, иновативна, квалитетна, но пред се остварлива програма, која содржи 180 проекти. Меѓу нив се и проектите за бесплатен оброк за 1.800 ученици до петто одделение, модерен трговски центар, заобиколница од месноста „Маренски уши“ до Катуниште, зоолошка градина, изградба на стационар за животни, обнова на возниот парк на ЈП Комуналец, воведување на едносменска настава во сите средни училишта, набавка на училишни автобуси и други проекти, посочи Јанчев.

Неговиот противкандидат за градоначалник од редовите на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ Горан Тодоров, најави поврзување со гас на сите семејства и компании во Кавадарци, изградба на прeчистителна станица, бизнис старт ап центар и регионален откупен центар, за, како што рече, конечно решавање на проблемот со откупот на грозје и ниските откупни цени.

– Во изминативе четири ипол години наместо во барок и споменици, инвестиравме во инфраструктура. Изградивме нови улици и патишта, водоводи, канализации, градинки, училишта, спортски сали. Резултатот е видлив. За четири ипол години Владата предводена од СДСМ реализираше голем број на инфраструктурни проекти кои се од витално значење за граѓаните на Кавадарци. СДСМ ја има најдобрата понуда за граѓаните. Имаме јасна идеја, план за развојот за општина Кавадарци, изјави Тодоров.

На овие избори право на глас имаат 1.824.864 граѓани. Од вкупниот број на гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1 740 147.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот