Само 10 бездомници спијат во топло на овие минусни температури

Пункт за бездомници во Момин Поток, „Фото: Слободен печат

Вкупната бројка на бездомни граѓани што редовно го посетуваат Пунктот за бездомници во Момин Поток во двата дена, среда и петок, е 160 граѓани.

Ниските температури што изминатиот период го зафатија Скопје, најмногу го чувствуваат луѓето што немаат свој дом и кои се принудени да спијат под ведро небо на минусни температури. Во обид да им се помогне и да им се најдат соодветно место за престој во овој период од годината, Пунктот за бездомници во Момин Поток веќе подолг период овозможува згрижување за бездомните граѓани. Во моментот, според информациите добиени од Црвениот крст на Град Скопје, само 10 бездомници преноќуваат во Пунктот за бездомници и на тој начин имаат топло прибежиште од студеното време, во овој за нив најкритичен период од годината.

Стационарниот дел во пунктот за бездомници го сочинуваат машко и женско одделение, во кои вкупниот капацитет за згрижување е 32 легла. По ниските температури што го зафатија градот Скопје, делот што е наменет за преноќување се отвори непосредно пред Нова година и во изминатиот месец вкупно 10 бездомни лица побараа да бидат згрижени во овој простор – информираат од Црвениот крст на Град Скопје.

Сепак, бројот на бездомници кои се решаваат да ја искористат можноста за да преспијат на топло и суво место е исклучително мал во споредба со бројката луѓе од оваа категорија граѓани кои во среда и петок го посетуваат Пунктот за бездомници во Момин поток. Во овие два дена од неделата, бездомните лица добиваат храна, напитоци, медицинска и правна помош, можност да се избањаат, пресоблечат и сл.

– Вкупната бројка на бездомници што редовно го посетуваат пунктот во двата дена (среда и петок) е 160 бездомни лица. Бездомните лица во пунктот добиваат услуги од фризер/бербер, преглед и совети од лекар како и лекови, топол оброк и напитоци, стручно-советодавен разговор со социјален работник и психолог – велат од Црвениот крст.

Кога станува збор за оброците кои се наменети за оваа ранлива категорија граѓани, новитет е тоа што, според најавите, секоја среда и петок, во Пунктот ќе бидат обезбедени по 160 топли оброци од Град Скопје.

Секоја среда и петок, во Пунктот за бездомни лица на Црвен крст во Момин поток, како дел од поддршка на активностите на Црвениот крст, Градот Скопје обезбедува оброци за бездомните лица на територија на Скопје – истакна градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Како што информираат од Црвениот крст, Прифатилиштето е отворено и за бездомните лица што имаат здравствени и психосоцијални проблеми, со цел да бидат привремено згрижени до надминување на нивната состојба.

При екстремно ниските температури, Прифатилиштето е отворено за преноќување секој ден од 20 часот навечер до 8 часот наутро. Воедно се ангажирани тимови што се 24 часа спремни да реагираат на терен по дојава на лица најдени на улица во лоша здравствена состојба од страна на граѓани, полиција и слично. На бездомните лица што при теренска процена ќе одбијат да бидат згрижени во пунктот, патролните тимови им дистрибуираат ќебиња, вреќи за спиење, топла облека, топли напитоци, топол оброк како и медикаменти и витамини – информираат од Црвениот крст.

Оттаму апелираат до сите хумани граѓани што ќе забележат бездомник на улица, веднаш да пријават, сѐ со цел службите да им излезат во пресрет, иако како што напоменуваат, граѓаните редовно ги информираат за оваа категорија граѓани.

Најголемиот број дојави од терен доаѓаат токму од совесни и хумани граѓани, кои на веќе постојните броеви 3139-578 и 071 733-171 јавуваат за бездомници што ги лоцираат најчесто во централното градско подрачје – објаснуваат оттаму.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот