Самка Ибраимовски повторно избран за претседател на ПЦЕР

На денешниот осми конгрес на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) повторно за претседател е избран Самка Ибраимовски, кој претседателската функција во ПЦЕР ќе ја извршува уште четири години.

-Партијата ќе се залага за подобрување и унапредување на статусот на Ромите согласно неодамна изгласаната Резолуција во Собранието. Новото раководство ќе работи интензивно за зголемување на буџетот на министерот без ресор за имплементација на стратегијата за Ромите затоа што тоа е единствен извор на средства со кои можеме да направиме нешто подобро за Ромите. Лично очекувам со мојот тим на потпретседатели и генерален секретар дека ќе се движиме во нагорна линија за средување на состојбите. На првата средба со премиерот Заев ќе побараме повисок буџет за Ромите, изјави Ибраимовски по изборот.

На конгресот беа избрани и нови членови на партиските функции. За генерален секретар е избрана Мерсиха Хусеин, додека нови потпретседатели на партијата се Емин Симбат, Музафер Бајрам, Мухамет Алоски, Севџан Сулејмановски и Џулиета Мемедовска. Унијата на жени ќе ја предводи Зурија Саит, а младинската организација Ина Јусуф. Организациски секретар ќе биде Аздријан Мемедов.

-До изборот дојде откако сите општински организации пред конгресот дадоа свои предлози за избор на партиските функционери. За разлика од поранешните конгреси, горди сме што во оваа постава на раководството на партијата имаме голем број жени, како потпретседатели, генерален секретар и кај младите, рече Ибраимовски.

На осмиот партиски Конгрес што се одржа во Центарот за култура во Тетово учествуваа 250 делегати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот