Сам себе го убијал

Во една меана, покрај главниот пат на влез во градот, седеле Словенец, Србин и Македонец и дробеле дневна политика. Поминал еден чичко со голема плетена корпа, полна со јајца што најверојатно ги носел на пазар да ги продаде.

„Ех, да ми е корпава, ќе ги загреам сите јајца да се испилат, тие пилиња ќе пораснат, ќе ми донесат нови јајца и кокошки, за две години фарма кокошки ќе имам, и онака садам пченица, можам и да ги наранам, а кокошките ќе ми донесат и повеќе пари“, рекол Словенецот.

„Да су мени ова јаја, ја би направио једну велику кајгану, па да се добро наједемо“, рекол Србинот.

„Море една сопка да му ставиме, да му се преврти корпата, што сеир ќе се изнагледаме“, завршил со контемплирање Македонецот.

Анегдотава е стара речиси сто години, потекнува од времето на Кралството Југославија, беше актуелна и во СФРЈ, ама изгледа дека нам памет ни сега не ни доаѓа. Најновата сопка што си ја ставаме се вика „Расадник“, или во превод „Се бориме против загадувањето со градење згради“. Или во јутјуберски превод: „Сам себе го убијал“. Зошто? За тие пусти златници.

Всушност, местото на денешниот скопски расадник, општината решава да го урбанизира затоа што немала доволно пари. И сака да донесе одлука, краткорочно да се реши овој проблем со правење нова населба од 50 згради (со анексите 100) и да насели град со големина на Радовиш на тоа место. Општината немала пари да преживее, тоа е факт. И можеби навистина проблемот лежи во прераспределбата на данокот помеѓу државата и општините, можеби е и од пошироки размери, ама решението да се гради нешто што е непрофитабилно и далеку од самоодржливо, колку и денес да донесе пари во општината, утре ќе биде само уште едно оптоварување во општинскиот буџет.
Во времето во кое и Владата и Градот се колнат дека ќе направат огромни напори за „подобрувањето на состојбата со загадувањето во главниот град“, случајот „Расадник“ може и да им биде од корист. Ајде да направиме парк, со езерца, со ритчиња, со зеленило.

Градскиот парк плански е направен уште во времето кога ова парче земја било дел од Османлиската Империја. Надграден е по земјотресот, во „она“ ново Скопје, со цел да ги задоволи потребите на граѓаните на „тоа“ Скопје. 2020-та година сме за некој месец, а Скопје е многу поголемо, понатрупано и сè подалеку од модерните урбани и паметни метрополи. Во годината во која би требало конечно да сфатиме дека 21 век настапил, би можеле и да направиме нешто „а ла 21 век“. Владата и градот да ѝ помогнат на и на општината и на сите граѓани со изградба на еден „Самоодржлив рекреативно спортски и културен центар, парк што ќе има дополнителна функција како прочистувач на скопскиот воздух“. Па, да насадиме едно чудо зеленило, па езерце, па едно мало стадионче, па нова „Школка“, па музејче, па солари за светилките и прскалките, па, па, па. Па да го собереме целиот градежен шут и да направиме еден вештачки рид среде расадник. Па да се санкаат деца зиме, па да го ставиме зиплајнот таму лете (нешто мислам дека со насобраното количество шут можеби ќе има и за скијачка скокалница). Воедно, сите тие активности би им носеле приход на општината, градот и државата, но, пред сè, радост и среќа на граѓаните, па и нешто повеќе чист воздух.

Треба политичарите да бидат свесни дека ова не е само утопија, туку реална ситуација. Еден меѓународен конкурс за нешто „вакво“, прописно направен и со прописни рокови, со сериозни меѓународни фирми како учесници, проследен до ТВ-мрежите и „средствата за јавно информирање“ може само да привлече емисии и програми од типот: „Како Македонците се борат со загадувањето“, „Мегаструктури“, „Скопје гоуз грин“ и слично. Таква реклама за некои наредни избори ниеден пиар-тим не може да им надомести. Чистиот воздух може да стане симбол и на правдата, но и на мирот. А „Расадник“ би бил нешто со кое може да се пофалат и на своите внуци.

Пред некој ден прочитав дека Словенците го произведуваат најквалитетното пилешко месо во ЕУ, па си викам: „Ќути Иво и јади словенечка пилетина, најбоља е“. Па ми текна на вицот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот