Сакаме пратеник независник!

Не е точно дека сум побарал оставка од пратеникот Павле Богоевски. Точно е дека му напишав да се засрами и дека го потсетив за следново: „Во земја во која се легализираше медицинската употреба на канабисот, човек што носи голема општествена одговорност, како пратеник избран од народот, знае што треба да стори“. Веднаш и без одлагање.

Ама ич не ми е гајле што ќе стори Павле и дали ќе поднесе оставка!

Откако самиот јавно призна дека нелегално набавил психотропна супстанција, наводно масло од канабис – значи, не со рецепт, не во аптека, не како сите обични смртници што си имаат мака – судбината на Павле веќе не е прашање на политичка одговорност, туку на кривично-правна постапка.

Од тој аспект, можеби има смисла да расправаме дали наводниот таксист, што наводно го снимил Павлета, сторил кривично дело. Јас тврдам – да. И дали нелегално прибавената снимка може да биде доказ во некоја идна кривична постапка против човекот што го снабдил пратеникот Богоевски. Јас тврдам – не. Законот е јасен, нелегално прибавен доказ не може да се користи во судска постапка. И тоа важи за сите, а не само за оваа нелегална снимка.

Туку, ај да не тупам за ова, знам дека не ви се допаѓа таа тема. Впрочем, пола доза колумна потрошив на човек што вчера сам си ја оконча политичката кариера. Втората половина сакам да ја посветам на неговите бранители, на тие што јавно се ставија на страната на Павле и кои бараат да се засрамиме ние што немаме разбирање за постапката на хировитиот пратеник.

Апологетите Павлеви и на власта – истите се, де, ги научивме веќе – нас, луѓето на кои не им се допадна поведението на „лидерот на Шарената револуција“ (избран кога, каде и од кого?), нè нарекуваат „малограѓани“, „сеирџии“ и со други погрдни зборови. И нормално, политички веднаш нè рубрицираат во графата „вмровци“. Тоа е наједноставниот начин на дискредитација.

„Издржи Павле“, вреват на цел глас. Зашто, замислете, барањето оставка од пратеникот Богоевски да ти било „рушење на Заев“. А што баш на Заев? Не сум чул и Заев да набавува „пола“. Ах да, сфаќам, брендот „Заев“ на апологетите им служи за оправдување и за релативизирање на криминалот, корупцијата, непотизмот и на другите слабости на оваа власт. Така и приказната за Мира Дизел, нели, беше „рушење на Заев“.

Е па вака, другари „големограѓани“, простаци и ропаци. Време е нешто да научите.

Можете да се пењавите колку што сакате, но има меѓу нас, обичните луѓе, такви што не сакаат нивните деца да живеат во земја во која легално ќе може да се пуши марихуана, да се шприца хероин и да се шмрка кокаин. Колку сме, толку сме, токму сме. Распишете референдум и ќе си видите кој е во мнозинство.

А тоа што „дувате“, шмркате и се боцкате, па и јавно се фалите со тоа (читаме меѓу редови, де), тоа веќе не е баш „ин“ во светот. Вие ги лечите своите фрустрации, фалејќи се со вашите пороци и обидувајќи се да ги наметнете како модел на либерално општествено поведение, наспроти нашиот наводен „конзервативизам“ и „малограѓанштина“. И згора на сè, убедени сте дека и тој наратив народот ќе го проголта.

Џабе ви е сè! Ова нема да ви помине! Не пикајте ги со сила СДСМ и Заев во приказната, и онака и досега доволно мамичето мамино им го расплакавте! И онака не им оди баш најдобро.

Да си знаете, на следните парламентарни избори многу внимателно ќе гласаме. Двапати ќе мериме, еднаш ќе сечеме. Еднаш или ниеднаш. Минималниот фоторобот за избор на личност на така значајна функција ќе се вика – пратеник независник! Па вие видете…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот