Сакаме „мал шенген“, ама попрво би трчале по „девојката“ на Вучиќ

Состанокот на лидерите од Западен Балкан за таканаречениот „мал шенген“ во Охрид, дојде и пројде. Но, она што е интересно се реакциите на лидерите за време на оваа средба и по неа.

На Вучиќ и Рама по средбата се чини најважно им беше да ги оправдаат критиките упатени кон нив по средбата во Нови Сад. Додека Вучиќ се правдаше дека не формира „Голема Албанија“, Рама, пак, не убедуваше дека идејата за „Мал Шенген“ не значи нова Југославија. Иронично, најверојатно доколку би ги обвинувале обратно, тие би биле херои во нивните држави.

Српскиот претседател повторно се обидуваше да докаже колку е добра оваа идеја, но неговото его и овојпат не остана незабележано. Иако со оваа иницијатива повеќе изгледа како нашиве балкански лидери да викаат: „Сложни сме, може сега во ЕУ?“, Вучиќ сепак не избегна да се направи важен. Тој, за разлика од другите, смета дека сепак има алтернатива за ЕУ. Тоа може да се забележи и по примерот кој го даде, дека џабе ви е, колку и да сакате некоја девојка, ако таа не ве сака вас, нема што да се прави. Всушност, тој изгледаше како да се прави „фраер“ за таа девојка да го забележи.

Од друга страна, пак, Рама, кој по оваа средба требаше да има најмногу што да каже, исто како да не кажа ништо. Албанскиот премиер, постојано споменувајќи го Косово и правдајќи се дека соработката со Србија и БиХ не му го менува ставот за Косово, буквално изгледаше како да го моли Косово да се придружи на иницијативата, за да не испадне лош. Наместо „Голема Албанија“, „Големо Косово“.

Заев меѓу двајцата двометарски колеги изгледаше како да е единствениот среќен од оваа иницијатива. Тоа кажува многу. Забележливо е дека тој, откако Макрон ни „удри клоца“ на секое појавување изгледа многу разочаран што ЕУ не започнува преговори со нас. А и што не би бил, кога тој од своја страна направи се што е во негова моќ, за на крај се да падне во вода. Нејсе, иде март, истите европејци што не убедуваа дека преговорите ќе започнат во октомври, сега тврдат дека тоа ќе се случи на пролет. Па како да не им веруваш кога имаат четири наставки пред името и пола улици се затворени кога се тука?

На нашиот регионален бенд, овојпат се придружија и претседавачот со Советот на министри на БиХ Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора Драгица Секулиќ. Двајцата напоменаа дека што и да значи овој „мал шенген“, за ЕУ нема замена. Нешто претерано заинтересирани или возбудени не беа ниту малку. Звиздиќ изгледаше како тинејџер кога го моли таткото да излезе, а тој ќе каже, чекај прво со мајка ти да зборувам, иако знаеш дека мајка ти веќе те откачила. Секулиќ, од друга страна, не пропушти да каже колку Црна Гора е подобра од сите и најмногу заслужува да влезе во ЕУ.

Од економски аспект, оваа идеја можеби и не е толку лоша, но ако е толку добра, зошто се потребни оправдувања и дообјаснувања по средбата. Тука нешто не мириса најубаво. Изгледа како сите да се обидуваат да ја вратат „женската“ што ја спомена Вучиќ .

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот