Сакам-не сакам, пријавените за вакцина се пишманат и бараат „Спутник“, матичните лекари преоптоварени

Вакцинален пункт Борис Трајковски - Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Имунизацијата во Македонија од поширок облик почна во средата со граѓани над 77 години за кои е обезбедена вакцината од производителот АстраЗенека. Но, матичните лекари со кои контактираше Слободен печат тврдат дека откако разбрале дека во некои европски земји оваа вакцина е забранета за помлади од 60 години, и повозрасните почнале да се пишманат и да го откажуваат веќе добиениот термин. Матичните лекари се жалат дека се станати ,,девојка за се”, односно дека притисокот врз нив е огромен, ем да прегледуваат пациенти, ем да закажуваат и презакажуваат термини за вакцинација и дополнително да ги згрижат и тие што доаѓаат во амбулантите за други патологии. Дел од медицинските сестри кои работат во истите услови и веднаш до матичните доктори во ординациите, не се вакцинирани иако се изложени на буквално истиот ризик од зараза како и докторот.

Матичниот доктор Ненад Лазаров вели дека притисокот е неиздржлив и дека дневно станува збор за четиристотини повици, од пациенти и кон пациенти на кои откако им е закажан терминот, потоа им го потврдува, разговара со нив за нивната моментална здравствена состојба, со што прегледувањето на пациентите кои чекаат во амбулантата е занемарено.

-Цел ден сум на телефон. Прво, таа порака дека само лицата над 77 години ќе се вакцинираат со АстраЗенека не беше добро искомуницирана со целната група, па се јавуваат и помлади со барање за термин за вакцинација. Кога ќе им кажам дека не смеам да им дадам, односно системот не ги прифаќа, се лутат. Хронично болните исто така прават притисок да се вакцинираат порано во првата група. Триесет проценти од моите пациенти се откажуваат, значи сум им нашол термин, им се јавувам по вторпат да им кажам на кој пункт и кога да отидат, меѓутоа велат дека се предомислиле. Триесет проценти се само кај мене, но верувам дека искуството е такво на ниво на целата држава и со другите колеги. Ова е огромна преоптовареност врз матичните лекари и не се издржува, вели доктор Лазаров за Слободен печат.

Со него се согласува и претседателката на здружението на приватни лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова, која што исто така деновиве во практичната работа се соочува со пациенти што иако изразиле интерес да се вакцинираат, се откажуваат од добиениот термин.

-Има пациенти што се откажуваат зашто се исплашија после информацијата дека вакцината на АстраЗенека предизвикува тромбови. И знаете, кога ќе летне тромб кај некого, тој човек е богатство за едно семејство и некои од моите пациенти не сакаат да ризикуваат. Проблем е што ова се нови вакцини и немаме искуство со нив. Другите ми се откажуват зашто велат дека сакаат исклучиво да се вакцинираат со Спутник, а таква опција немам да им дадам. Трети испитале антитела и откриле дека имаат, па не сакаат да се вакцинираат. Понатаму, откажувањата се зашто некои пациенти во меѓувреме се разболуваат, настинуваат. Уште од самиот почеток барав да имаме некаков кол центар кој што ќе ја преземе обврската на сите закажувања а не тоа да оди преку матичните лекари. Ние сме навистина преоптоварени, неиздржливо е и правиме натчовечки напори. Жал ми е што ќе кажам, ама не натоварија. Ние ако крахираме, ќе падне целото здравство. Еве ќе кажам за себе, дека менувам и колешка која што се разболе од ковид откако беше вакцинирана со првата доза на Фајзер. Се вакцинираше на 9 март, а се разболе на 18 март, со тешки симптоми и на кислород заврши во болница. Се случуваат некои непредвидливи ситуации и телефоните непрестајно ѕвонат, закажувам вакцинација и прегледувам, вели Чолакова Дервишова за Слободен печат.

-Од педесет закажани термини за пензионери, повеќе од 30 откажаа Астра Зенека вакцина. Друга вакцина сакале. До 1 часот по полноќ мртва уморна закажував бидејќи мој термин кочеше. Залудно три дена потрошени часови со убедување да се прими. Не ми е јасно пет илјади млади примија Астра Зенека, тие уште бираат. Еден вчера откажа, денеска плаче назад да го вратам. Крај се нема. Ве молам Министерство за здравство во името на сите матични апелираме закажувањето да не оди преку нас. Паднавме од умор. Доволно е што 24 часа сме достапни за сите пациенти со ковид, дополнително ако им се влоши состојбата да им бараме прием во болница како ние да го имаме распоредот. Ова се крши со Законот за работните права за нашето работно време. Ова е вистински брнаут, коментира матична лекарка во група на медицинари на Фејсбук.

Приватна здравствена ординација во истата група коментира дека и покрај пожртвуваноста да се закажат термини за вакцинации и останување до рано сабајле играјќи ,,брзи прсти”, од 80 пациенти и јавување на секој од нив поединечно, само 50 проценти решиле да се вакцинираат.

,,За петнаесетина минути ќе ослободам преку 20 термини за вакцинација во Букурешт, така што ако на некој му треба термин, нека ги закаже, да не пропаднат”, пишува докторот до своите колеги.

Матичните лекари велат и дека парите за котизација по пациент, не се случило да не задоцнат и покрај тоа што законски се исплаќаат со 60 дневен кредит период. И месецов уште не им се исплатени тие пари. Во меѓувреме нивните амбуланти се полнат и одделувањето од здравите и болните пациенти е невозможна мисија.

Вакцинацијата против ковид 19 денеска на 48 пункта во спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје ќе продолжи за вработените во полицијата, армијата, учителите, судиите, цариниците, вработените на патарините, возачите на ЈСП и за новинарите. Во спортскиот центар Борис Трајковски ќе бидат ангажирани 4 лекари и 12 медицински сестри во една смена. Вработените во критичната инфраструктура ќе добијат вакцина Спутник В, руска вакцина која што ни ја донираше Србија во количина од 20 илјади дози. Покрај ова, во геријатрискиот центар Мајка Тереза во Скопје почна и теренската вакцинација за граѓаните што се сместени таму. Директорот на Институтот за имунологија Александар Петличковси вели дека не постои дилема дали вакцината треба да се прими или не, затоа што смртноста од ковид е многу поголема отколку несаканите ефекти од вакцината. Тој вели дека Израел кој има 9 милиони жители вакцинираше 70 проценти од населението, а има пад на бројот на случаи на 440 дневно и само 8 смртни случаи. Споредено со Израел, Македонија има 1500 случаи дневно и над 30 починати што е голема разлика.

-Овие бројки се тие што треба да ги запаметите. Неспорно е дека вакцината треба да ја прифатиме со сите сили. Таа ќе елиминира шанса за смрт и тешка болест. Да, ќе се појават заразени и после вакцинацијата, ама нема да одат во болница и така наместо оптоварување од 40 мртви дневно и притисок врз болниците, тие ќе може да се вратат на останатите патологии кои во моментов се страшно поттиснати, рече професор доктор Петличковски.

Тој додаде дека вакцината против ковид може да ја примат дури и алергичните луѓе на пеницилин зашто пеницилинот нема допирна точка. Единствено треба да имаат резерва тие што се алергични на некоја состојка што ја има во вакцината, а состојките се наведени во упатствата. Доктор Петличковски истакна дека за бремените жени и мајките кои дојат не е јасна препораката дали треба да се вакцинираат и затоа нивните гинеколози треба да проценат. Причината е што во клиничките студии за вакцините не се следело колку од жените биле бремени.

-Истото се однесува и на родилките. Ниту РНК ниту векторските ниту кинеските вакцини можат да направат компликација или ризик за жени кои планираат да забременат и тие може да се вакцинираат. Пациентите со хашимото и тироида немаат контраиндикација за користење вакцина. Вакцините не се проблематични ни за луѓето со длабока венска тромбоза, ни за тие што прележале инфаркт или операции и ова се однесува и на Астра Зенека и на другите, рече доктор Петличковски.

Несаканите ефекти се замор, главоболка и ретки алергиски реакции и исклучително ретки случаи на длабока венска тромбоза.

-Тоа е толку ретко што се случува во 4 до 6 случаи на милион вакцинирани. Кај невакцинираните пак, тоа е многу почесто, има 10 случаи на тромбоза на милион!, рече Петличковски.

Тие што прележале коронавирус, не треба да се вакцинираат веднаш, зашто можно е да им биде потребна само една доза, ако антителата им се високи. Меѓутоа, проблем ќе биде да излегуваат од државата, зашто вакцинален картон добиваат само тие со две примени дози. Уште се чека евроспката регулатива да се осврне на овој проблем.

Претседателката на Комитетот за имунизација професор Александра Грозданова, истакна дека вакцината на АстраЗенека е многу добра и препорачлива, а дека најверојатно се пријавени толку случаи на тромбоза кај неа, зашто повеќе се следи и се администрира во најголем број на случаи, односно дека нејзината распространетост е голема, а таму кај што има поголемо следење, има и поголема детекција.

-Препораката беше прво да не се дава над 65 години и тоа потекна од недоволен број на учесници во клиничката студија со возраст над 65 години. Но, почна да се дава и се откри дека има одличен безбедносен профил. По новите сознанија за тромбоични промени 13 земји прекинаа да ја даваат привремено меѓу кои Норвешка, Данска, Австрија за да се разјасни. Германија во понеделникот излезе со став дека овие случаи споредено со дозите се алармантен сигнал и времено ја прекина оваа вакцина кај популација помлада од 60 години. Од денеска пак препорачуваат само една доза за тие што ја примиле под 60 години. Нас сепак не ни се пореметува планот, зашто кај нас се почна со граѓаните над 77 години, рече професор Грозданова.

Вакцината на АстраЗенека содржи вектор од шимпанзо, а вакцината Спутник содржи вектор од хумани вируси. Досега во Македонија 4027 граѓани се вакцинирале со првата доза на Фајзер, а 2996 со првата доза на Спутник. Пријавени се десет несакани реакции на фајзеровите вакцини, но благи, како температура. Имало неколку пријави и за Спутник ама исто така благи. Повеќе од 75 проценти од здравствените работници се вакцинирани во земјава.

Таа додаде дека во наредните неколку месеци од производителот Модерна не треба да се очекуваат вакцини, зашто не се заинтересирани за мали пазари како македонскиот. Граѓаните нема да можат да одберат со која вакцина ќе се вакцинираат и ќе се настапува под мотото ,,најдобра е онаа вакцина што ви е достапна да ја примите”.

Официјален е ставот дека граѓаните не треба да прават ни ПЦР тест ни да испитуваат антитела пред вакцинација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот